Проектот, наречен „Купола на Микеланџело“, има за цел да ги брани стратешки важните национални и европски подрачја од напади со хиперсонични проектили, масовни роеви дронови и други сложени закани, објави Euronews.
Главниот извршен директор на Leonardo, Роберто Чинголани, изјави дека компанијата останува посветена на развој на решенија кои ги штитат граѓаните и институциите со комбинирање на напредна технологија, силни индустриски капацитети и визија заснована на системска интеграција.
„Во свет каде заканите се развиваат побрзо од одбраната, неопходни се иновации, предвидување и меѓународна соработка“, истакна тој.
Како ќе функционира „Купола на Микеланџело“?
Новата технологија претставена во четврток се разликува од досегашните одбранбени системи затоа што интегрира повеќе категорија сензори на копно, море, воздух и во вселената, заедно со платформи за кибер-одбрана, командни центри и моќни АИ-алгоритми.
Според Leonardo, системот создава своевиден безбедносен чадор способен да открие, следи и неутрализира широк спектар на закани – од хиперсонични проектили, преку координирани напади со дронови, до поморски и копнени офанзиви. Напредните алгоритми ќе предвидуваат движења на противникот и автоматски ќе ги избираат најделотворните контрамерки.
Европските вложувања во одбраната растат
По најавите на поранешниот американски претседател Доналд Трамп за можни ограничувања во финансирањето на НАТО, европските земји значително ги зголемија своите буџети за одбрана. Во октомври 2022 година беше иницирана и програмата Европски небески штит (ESSI) со цел подобра заштита од воздушни закани по руската инвазија врз Украина.
Сè уште не е познато дали новата технологија на Leonardo ќе стане дел од ESSI, но експертите велат дека ваквиот АИ-систем би можел да биде клучен елемент во модерните европски воздушни одбранбени капацитети.
Извор: Index.hr
