Италија прогласи вонредна состојба во јужните региони поради силното невреме што минатата недела предизвика големи штети на инфраструктурата, поплави и свлечишта. Италијанската влада најави итна финансиска помош за санација на патиштата и за поддршка на погодените бизниси.
Обилни врнежи од дожд, силни ветрови и бранови високи до девет метри беснееја два дена над Сицилија, Сардинија и Калабрија, уривајќи крајбрежни заштитни бариери и поплавувајќи големи делови од внатрешноста на овие региони. Според проценките на властите, материјалната штета надминува една милијарда евра, но и покрај размерите на катастрофата, засега нема пријавени жртви.
Министерот за цивилна заштита Нело Музумечи изјави дека владата на премиерката Џорџа Мелони издвојала почетни 100 милиони евра за итно справување со последиците во најтешко погодените области.
Свлечишта и евакуации на Сицилија
Силното невреме предизвика бројни свлечишта и поплави и во јужна и во централна Италија. Во градот Нишеми, во покраината Калтанисета на Сицилија, околу 1.000 луѓе беа евакуирани, а наставата во училиштата беше привремено прекината.
Свлечиштето што го погоди населбата Санте Кроче, во близина на потокот Бенефичо, се протега во должина од околу четири километри – од Белведере до покраинскиот пат број 10, на западната падина. Проценето е дека лизгањето на земјиштето е длабоко околу шест метри.
Градоначалникот Масимилијано Конти предупреди дека ситуацијата дополнително се влошува поради појава на нови свлечишта. „Во текот на ноќта се појави вертикален расцеп од 25 метри. Работиме заедно со Службата за цивилна заштита на изнаоѓање решенија“, изјави тој, додавајќи дека се градат алтернативни патишта за да се спречи целосна изолација на градот.
Извор –Tanjug / Reuters / Rai Uno
