Италија на работ на енергетска криза, аеродромите без гориво

Мелони порача дека Италија нема да чека бавна реакција од Брисел, туку ќе дејствува самостојно за да обезбеди стабилно снабдување со енергија.

Додека последиците од војната на Блискиот Исток сè посилно се чувствуваат на глобалниот енергетски пазар, Италија се соочува со сериозна криза што може да ја разниша и економијата и секојдневниот живот на граѓаните.

Во атмосфера на неизвесност, италијанската премиерка Џорџа Мелони презеде неочекуван чекор, тајна дипломатска мисија во земјите од Персискиот Залив, со цел да обезбеди клучни извори на нафта и гас.

Патувањето, обвиено со строги безбедносни мерки, започнало во Џеда, каде што Мелони се сретнала со саудискиот престолонаследник Мохамед бин Салман. Потоа ја продолжила посетата во Катар и Обединети Арапски Емирати. Посетата била толку чувствителна што за неа не биле информирани ниту дел од политичкиот врв, а разузнавачките служби дури советувале да не се реализира, поради безбедносни ризици

Енергетската зависност – слабата точка

Зад дипломатските пораки за „солидарност“, стои реалноста дека Италија е енергетски ранлива. Затворањето на Ормускиот теснец, клучна рута низ која минува околу 20% од светската нафта, веќе остава сериозни последици. Околу 15% од нафтата што ја троши Италија доаѓа токму од земјите од Заливот, додека цените на горивата нагло растат. Владата веќе издвојува околу 900 милиони евра за ублажување на ударот врз економијата.

Мелони порача дека Италија нема да чека бавна реакција од Брисел, туку ќе дејствува самостојно за да обезбеди стабилно снабдување со енергија.

Кризата стигнува до аеродромите

Последиците веќе се чувствуваат и на терен. Четири големи аеродроми – во Болоња, Милано (Линате), Тревизо и Венеција, се соочуваат со можни ограничувања во снабдувањето со авионско гориво.

Клучниот снабдувач, Air BP Italia, предупредил на намалени резерви. Приоритет ќе имаат медицински летови, државни авиони и долги летови, додека останатите би можеле да се соочат со рестрикции најмалку до 9 април. Загрижува фактот што кризата може да се прошири и надвор од Италија. Под ризик се и други европски аеродроми, вклучувајќи го Хитроу во Обединето Кралство, како и делови од Франција и Португалија.

Европа повторно се наоѓа на раскрсница, меѓу зависноста од надворешни енергетски извори и потребата за сопствена стабилност.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни