Италија оваа зима воведува нешто што изгледа како сцена од филм: божиќен воз „Espresso Monaco“, кој ќе ги спои Рим и Минхен преку трите земји — Италија, Австрија и Германија — нудејќи магично искуство на сите што веруваат дека празниците треба да се доживеат со срце.
Создаден за да ја оживее чаролијата на празничниот дух, возот ќе понуди тематски декорирани кабини, бар и ресторан со божиќна музика, како и подароци за секој патник. Од мирис на варено вино и цимет, до светки и дрвени куќички покрај станиците, ова патување е замислено како симбол на топлината и романтиката што ги обединуваат европските традиции.
Возот ќе тргнува од Рим – Термини во 19:57 часот, а ќе пристигнува во Минхен наредниот ден во 13:00 часот, по 17-часовно ноќно патување низ некои од најубавите региони на Европа.
Патеката ќе минува низ Верона, Тренто, Болцано, Бресаноне и Фортеца, продолжувајќи потоа преку Инсбрук, Куфштајн и преминот Бренер, со спектакуларен поглед на снежните Алпи.
Секоја кабина ќе биде украсена со празнични детали, а на секое седиште патниците ќе ги чека мал божиќен подарок. Веселата атмосфера ќе биде надополнета со свечена музика во живо, а на располагање ќе бидат приватни и семејни купеа со капацитет до шест патници.
Официјалните поласци се закажани за 5 и 12 декември, со враќање на 7 и 14 декември, што им овозможува на патниците да го доживеат најпознатиот божиќен саем во Минхен, со легендарниот Marienplatz и мирисот на германски колачиња и греано вино.
Овој проект е дел од новата национална стратегија на Италија за одржливо патување, со цел промовирање на железничкиот туризам како попријатна и еколошка алтернатива на авионите и автомобилите.
И додека Европа гради возови што ги спојуваат градовите, Балканот сè уште сонува за своја брза линија.
„Еспресо Монако“ можеби никогаш нема да стигне до Скопје — но сигурно нè потсетува колку е важно патувањето да биде искуство, а не само дестинација.
