Имено, во село во кое населението со децении се намалуваше, уште пред американските избори, напуштените и трошни куќи се продаваа за само едно евро и се повикуваа странци да се вселат. Сега тие отворија веб-страница наменета за Американците каде што можат да ја разгледаат низата евтини домови со надеж дека оние кои не се задоволни од изборните резултати ќе одлучат да се преселат во италијанското село.
„Дали сте уморни од глобалната политика? Сакате да уживате во побалансиран начин на живот, со многу нови можности? Време е да започнете да работите на вашето европско бегство во прекрасниот рај на Сардинија“, велат тие на страницата.
Претставникот на селото Франческо Колумбу објасни дека страницата е создадена специјално за да привлече незадоволни американски гласачи по претседателските избори. Тој објасни дека ја сака Америка и дека е убеден дека Американците ќе помогнат за заживување на селото.
„Ќе се фокусираме на Американците пред се друго. Се разбира, не можеме да им забраниме на луѓето од други земји да аплицираат, но Американците ќе имаат брза процедура. Се обложуваме на нив да ни помогнат да го заживееме селото, тие се нашиот билет за успех“, објасни тој.
Инаку, селото нуди неколку видови сместување. За дигиталните номади се обезбедени бесплатни привремени домови, а дополнително се нудат куќи на кои им е потребно реновирање по цена од едно евро, додека куќите кои се подготвени за вселување се продаваат по цени до 100.000 евра.
Тие организираа и специјален тим кој ќе им помага на заинтересираните купувачи на секој чекор до нивниот нов дом. Инаку, селото сега има нешто повеќе од 1.100 жители.