Во топлото доцно зимско утро, Антонио Ланчелота, 35-годишен фармер, ме шета низ градина која функционира по строги правила, а е распослана на 1,8 акри (7.280 квадратни метри). Овоштарникот на неговото семејство е лоциран во Скалеа, јужна Италија. Редовите од разгранети цитронски дрвја (Citrus medica), со големи бели цветови го исполнуваат просторот. Сепак, над дрвјата, на околу 3,8 метри над земјата, наизменични линии од проѕирни пластични плочи и фотоволтаични панели кои го покриваа теренот. Семејството Ланчелота беше едно од првите во Италија кое експериментираа со „агриволтаици“, каде земјоделските култури се одгледуваат под соларни панели.
„Погледнете го квалитетот на овој цитрон“, вели Ланчелота, држејќи големо жолто овошје во облик на срце.
Низ вековите, благодарение на благата клима, локалното население во овој дел на Италија се специјализираше за одгледување на овие големи овошја Liscia Diamante (што во превод значи „мазен дијамант“) – кои можат да тежат до 5 за да ја задоволат побарувачката на производители на парфеми кои ги користат есенцијални масла од кората. Од друга страна пак еврејските свештеници патувале со километри како би можеле да ги изберат плодовите кои ги користеле при молитвата, за време на седумдневниот верски фестивал Сукот. Областа напредуваше и го доби името Ривиера деи Седри.
Меѓутоа, во последните 50 години, Liscia Diamante речиси исчезна, бидејќи Калабријците мигрираа на друго место барајќи подобар живот, а поевтините индустриски суровини ги заменија есенцијалните масла. Сепак оние кои се одлучија да продолжат да се занимаваат со оваа овошна култура имаа мала економска заработка.
Во 2009 година, таткото на Антонио, Марио, агроном и сметководител, налетал на „агриволтаици“. Овој концепт постои од 1980-тите, а агрономот го гледаше како возбудлива можност за инвестирање. Што ако производството на енергија би можело да го поддржи производството на локалниот загрозен цитрон на кој, за да расте добро, му е потребна природна или вештачка сенка?
Неговата идеја беше во согласност со еден поголем тренд. Истата година, Европската унија издаде директива до нејзините земји-членки да обезбедат 20% од нивната енергија преку обновливи извори до 2020 година, што доведе до трка за основање соларни фарми. Некои земјоделци претпочитаа да го продаваат или изнајмуваат своето земјиште на компании за производство на обновлива енергија поради посигурниот приход. Сега Европската унија ја надмина целта од 20%, но на глобално ниво бројката за соларна енергија е сè уште ниска. Според извештајот на Меѓународната агенција за енергија од 2021 година, производството на фотоволтаична енергија сочинува само 3,6% од глобалното производство на електрична енергија.
Според Силвија Кеј, британска истражувачка во непрофитната група за истражување и застапување Транснационалниот институт, потрагата по производство на обновлива енергија во изминатата деценија поттикна тренд за прераспределба на земјиштето што се користи за одгледување земјоделски култури.
Во партнерство со Via Campesina, меѓународна земјоделска организација, таа состави извештај за европската концентрација на земјиште и „зелено грабање“, односно пренаменувањето на обработливо земјиште за производство на обновлива енергија.
Во многу делови од светот, развојот на големи соларни проекти на земјоделско земјиште ги остави настрана локалните заедници, кои гледаат малку придобивки од проектот и се соочуваат со невработеност, бидејќи локалните земјоделски работни места исчезнуваат. Во последниве години, тензијата помеѓу земјоделското и соларното земјиште се почувствува во САД, Индија и Кина, како и меѓу другите производители на соларна енергија.
„Постои прашање за согласност, консултации и соодветни процедури за планирање“, вели Кеј.

Сепак, денес, потребата од обновлива енергија за да се ограничат ефектите од климатските промени и да се постигне самоодржливост се зголемува во ЕУ и во светот. Земјите како Јапонија, Франција, Германија, САД и Италија бараат начини да ги задржат своите скапоцени, обработливи земјишта и да ја задоволат побарувачката за енергија од сонцето.
Ланчелота е сигурен дека „агриволтаикот“ е вистинското решение. Тој смета дека земјоделската страна на бизнисот треба да се зачува и зајакне со соларна енергија, а не да се компромитира.
„Фармерите отсекогаш се грижеле за својата земја“, вели Ланчелота.
Сепак, поради неговата новина, повисоките трошоци за инсталација, отпорот на некои земјоделци на промени и недостатокот на јасна легислатива, треба да се помине долг пат пред агроволтаиците да станат пракса.
Ланчелота ме одведе до друга стаклена градина од 3,7 хектари (15.000 квадратни метри) исполнета со 1.250 дрвја од лимон. Додека тој со гордост зборува за своите плодови, почувствував доза на разочарување. Тој ме покани да ја видам бербата на лимон. Очекував да видам луѓе како берат лимони и да почувствувам воздух исполнет со свеж мирис на цитрус.
Но, претприемачот, кој има темна кадрава коса и носи очила со црна рамка, изгледа не е загрижен за пропуштената берба. Пазарните цени беа 40% под неговиот праг од 1 € (1,1 $/0,9 £) за килограм, па затоа реши да не ги бере лимоните додека купувачите не се предомислат.
Сончевите панели над нашите глави.
„Можеме лесно да одлучиме да ги фрлиме плодовите во отпад, иако нема да го сториме тоа затоа што ќе се обидеме да најдеме компромис, бидејќи имаме друг извор на приход од производството на енергија“, вели Ланчелота. „Конечно, земјоделците можат да ја вратат преговарачката моќ“.
Производството на обновлива енергија на нивното агриволтаично обработливо земјиште низ Италија не само што им дава на Ланчелоти алтернативен приход туку и обезбедува електрична енергија за 16.000 семејства, туку и ги подобрува нивните плодови. Според претприемачот, покривката обезбедена од панелите ги намалува потребите за вода на цитрусите за 70%. Плодовите се поголеми, со подобра боја и имаат помалку оштетувања од изложеност на надворешни влијанија. Плодовите кои се произведуваат на ваков начин имаат и поголема концентрација на есенцијални масла во нивната кора.
Ланчелота ја побива вообичаената заблуда дека под сенка, културите не растат добро. Додека го објаснува тоа застанува до едно лимоново дрво кинејќи еден од зрелите лимони. Тој посочува и дека покривот ги штити растенијата од екстремни климатски промени.

Во 2017 година, бидејќи необичен зимски мраз ги оштети повеќето цитронски растенија во регионот, дрвјата на Ланчелота преживеаја, бидејќи панелите ги заштитија. Тие бесплатно дистрибуираа садници од нивните дрвја на овоштарите кои ги загубија своите насади, помагајќи да се заштити античката земјоделска традиција во регионот.
Климатските промени влијаат на земјоделството ширум светот, бидејќи екстремните временски промени стануваат се почести.
„Поплави, лизгање на земјиштето – земјоделството е веќе кревок сектор од оваа гледна точка, бидејќи е под отворено небо. Мора да се обидете да го заштитите“, вели Марианџела Ланчелота, која исто така работи за семејната фирма. Таа и другите поддржувачи на „агроволтаици“ се надеваат дека оваа практика може да биде од корист за широк спектар на култури.
Во изминатите 20 години Џошуа Пирс, фотоволтаичен истражувач и професор на Западниот универзитет во Онтарио, Канада, проучува како „агриволтаиците“ ги штитат посевите и ги зголемуваат приносите на бобинки, овошје, житарки и сите различни видови зеленчук.
„Во тек е огромна трка со сите во светот за да се открие најдобриот тип на фотоволтаичен аранжман за одредена култура во одредена област“, вели Пирс.

Агриволтаичното земјоделство може да дојде во различни облици и форми. Ланчелота ги користи како „европски модел“ затоа што, во Канада, благодарение на големата достапност на обработливо земјиште, панелите сè уште се главно поставени директно на земја, оддалечени едни од други, функционирајќи како ветробрани, меѓу кои се чуваат и напасуваат овци.
Додека шетаме низ дрворедите, Ланчелота зграпчува цвет од цитрус и ми го дава да јадам: сладок, лут вкус се шири во мојата уста. Околу нас, пчелите го собираат поленот од цветот.
„Земјоделството е активност на секоја заедница“, вели Ланчелота. „И затоа и фотоволтаиците мора да се земат предвид во оваа перспектива. Тие мора да бидат дизајнирани согласно стандардите и правилата кои ги поставува заедницата“.
Извор: bbc.com