Оваа иницијатива на дневниот весник е дел од едномесечниот новинарски експеримент кој има цел да го покаже влијанието на технологијата на вештачка интелигенција „на нашиот начин на работа и нашите денови“, рече уредникот на весникот, Клаудио Сераза.
„Il Foglio AI“ на четири страници е спакуван во тенко издание на весникот и од вчера е достапен на киосците, а изданијата создадени со помош на вештачка интелигенција ќе бидат достапни еден месец, секој вторник и петок.
Сераза рече дека секој број се состои од 22 статии и дека текстовите понекогаш ќе се спротивстават на традиционалниот став на физичкиот весник Il Foglio.
На насловната страница на вчерашното издание беше објавена приказна за американскиот претседател Доналд Трамп и за „парадоксот на италијанските Трамписти“, кои се противат на „кенсел културата“ или го слават „арогантното“ однесување на Трамп.
На насловната страница има и колумна со наслов „Путин, 10 предавства“, со напис во кој се истакнуваат 20 години наводни лаги на рускиот претседател Владимир Путин.
Друг напис укажува на последниот извештај на ИСТАТ, националната агенција за статистика, за прераспределбата на приходите, кој покажува дека земјата „се менува, а не на полошо“, и дека зголемувањето на платите за околу 750.000 работници се меѓу позитивните ефекти од реформите на данокот на доход.
Од другата страна е приказна за љубовните животи на младите Европејци кои според вештачката интелигенција бегаат од стабилни врски.
Гардијан наведува дека написите биле „јасни и без граматички грешки“, но дека никаде немало директни цитати од човечки суштества.