Италијанската феминистичка дизајнерка Марија Грација Киури го напушта Диор

Нова промена на позицијата во светот на модата. Римската дизајнерка Марија Грација Киури го напушта уметничкото раководство на париската модна куќа

Револуцијата во европскиот свет на модата продолжува. По доаѓањето на грузискиот дизајнер Демна Гвасалија во Гучи и Пиерпаоло Пичоли во Баленсиага, како и заминувањето на Донатела Версаче која ја продаде историската марка на групацијата Прада, денеска Диор објави нова промена на челната позиција.

Италијанската уметничка директорка Марија Грација Киури ја напушта француската куќа од групацијата LVMH по девет години.

„По девет години го напуштам Диор. Пресреќна сум што ми беше дадена оваа извонредна можност. Заедно напишавме голема страница на која сум неизмерно горда,“ напиша Киури во соопштение објавено во четврток.

Дизајнерката ја претстави својата најнова колекција во вторник во Рим, во градините на Вила Албани. Модната ревија беше поздравена со стоечки овации и доби одлични критики од пресата.

„Искажувам искрена благодарност до Марија Грација Киури која, од своето доаѓање во Диор, направи извонредна работа со инспиративна феминистичка перспектива и исклучителна креативност, сето тоа проникнато со духот на Мосје Диор, што ѝ овозможи да дизајнира колекции со голем престиж. Таа напиша клучен поглавје во историјата на Кристијан Диор, значајно придонесувајќи за неговиот извонреден раст и беше првата жена која ја водеше креацијата на женските колекции,“ напиша претседателката и извршна директорка на Christian Dior Couture, Делфин Арно, на официјалниот X профил на модната куќа.

Сè уште не е соопштено кој ќе ја замени Киури на чело на брендот, но се очекува тоа да биде Џонатан Андерсон, кој од април го замени Ким Џонс како креативен директор на Dior Homme. Тој би можел да стане првиот дизајнер што ќе ги води и машките и женските колекции на париската модна куќа.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни