Италијанска вечер со Филхармониски оркестар на театарот во Болоња ќе се одржи вечерва во 21 часот во црквата „Св. Софија“ во рамките на Охридско лето.
Тие ќе изведат дела од Оторино Респиги, Антонио Вивалди, Пјетро Маскањи, Астор Пјацола и од Нино Рота. Со оркестарот ќе настапи виолинистот Давиде Алоња, еклектичен музичар со широко интернационално образование. Тој свири на инструмент изработен од Антонио Страдивари во Кремона во 1690 година, кој му е позајмен од Флоријан Леонхард, како и на виолина изработена од Анселмо Готи во 1930 година.
Филхармонискиот оркестар на театарот во Болоња е основан во 2008 година од дел од музичарите на оперскиот оркестар. Нивната мисија е да ја промовираат класичната музика во Болоња. Филхармонискиот оркестар на театарот во Болоња заедно со оркестарот во Миланската „Скала“, се единствени два ансамбла во Италија од овој вид.
Давиде Алоња е еден од најпосветените музичари на италијанската музика на 20 век, проучувајќи, изведувајќи или снимајќи дела кои ѝ се делумно непознати на музичката јавност. Така во 2018 година за „Наксос“ снима ЦД со три светски премиери на дела од Марио Кастелнуово Тедеско, а во 2021 година истата издавачка куќа го издава дискот со виолинскиот концерт на Оторино Респиги во придружба на Њујоршкиот камерен оркестар. Алоња го иницира и реализира „Проектот Роде“ во кој за време на пандемијата на Ковид19 заедно со негови колеги, познати виолинисти, ги снимаат и дигитално ги дистрибуираат 24 Каприси на композиторот Пјер Роде со цел да им помогнат на студентите по виолина од целиот свет.
Неодамна сними ЦД со дела за виолина и оркестар придружуван од Лондонскиот симфониски оркестар, а од 2023 година е резидентен солист на камерниот оркестар „Музичари на Скала“ (I musici della Scala) во Милано. Алоња предава виолина на Конзерваториумот „Џ. Верди“ во Комо.