Според официјалното соопштение од италијанската влада, во 2025 година ќе бидат достапни над 164.800 работни визи, а до 2028 година вкупната бројка ќе достигне 497.550. При одредувањето на квотите, биле земени предвид реалните барања за дозволи изминатите години, како и потребите на компаниите и социјалните партнери.
Целта е да се зајакнат легалните канали за миграција и да се поддржат индустриите кои се соочуваат со акутен недостиг од работници.
Оваа најава доаѓа откако владата претходно веќе одобри издавање на над 450.000 дозволи за работа во периодот 2023–2025 година.
И покрај отвореноста за работна имиграција, премиерката Џорџа Мелони останува на остар курс против нелегалната миграција, со мерки за забрзано депортирање на лица без документи и ограничување на активностите на хуманитарните организации кои спасуваат мигранти на Медитеранот.
Италија сè повеќе се потпира на странска работна сила поради стареењето на населението и падот на наталитетот. Само минатата година, бројот на жители се намалил за 37.000 и сега изнесува 58,93 милиони. Според истражување на тинк-тенкот Osservatorio Conti Pubblici, земјата би требала да прими најмалку 10 милиони мигранти до 2050 година за да го задржи актуелниот број на жители.
Од вкупно 24,2 милиони вработени, над 10 милиони се постари од 50 години – бројка што постојано расте.