Италија ги забрани мобилните телефони во сите основни и средни училишта

Од наредната учебна година, користењето мобилни телефони ќе биде целосно забрането во сите основни и средни училишта во Италија, вклучително и во техничките и професионалните училишта. Оваа мерка ја донесе министерот за образование и заслуги Џузепе Валдитара, кој веќе минатата година ја воведе забраната за мобилни телефони во основното образование.

Министерството ги извести сите училишта дека учениците нема да смеат да користат паметни телефони за време на наставата, дури ни во образовни цели, освен во исклучоци предвидени со персонализирани образовни програми за ученици со попречености или на часови по информатика и телекомуникации. Според насоките, училиштата ќе мора да ги ажурираат своите внатрешни правилници и да воведат дисциплински мерки за прекршителите.

Министерот Валдитара истакна дека ваквата интервенција е неопходна поради сериозните последици од прекумерната и неправилна употреба на паметните телефони, кои, според повеќе истражувања, негативно влијаат врз менталното здравје, благосостојбата и училишниот успех кај младите. Тој потсети дека на 12 мај поднел предлог до Советот за образование на Европската унија со кој бара забрана за употреба на мобилни телефони во сите училишта низ ЕУ.

Слични мерки веќе се применуваат во Франција, Холандија, Финска и Шведска, додека неколку други земји како Белгија, Португалија и Шпанија водат активни јавни дебати по ова прашање. Во препораките на италијанското министерство се нагласува и потребата од јакнење на дигиталната писменост и одговорната употреба на технологијата, со посебен фокус на влијанието и примената на вештачката интелигенција во образовниот процес.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни