„Итака“ на Ципрас стана бестселер за неколку часа

Автобиографската книга „Итака“ на поранешниот грчки премиер Алексис Ципрас се најде во центарот на огромен интерес веднаш по нејзиното објавување.

Делото, отпечатено во прв тираж од 33.000 примероци, беше распродадено за само неколку часа, по што издавачот „Гутенберг“ започна печатење на дополнителни илјадници книги.

Според грчките медиуми, „Итака“ претставува јасен и промислен чекор на Ципрас – обид да го затвори кругот околу турбулентните години на владеење и да ги означи линиите на дистанца од поранешните партиски соработници, особено оние кои, како што наведува, „го влечеле за левиот ракав“ во преговорите за време на должничката криза во 2015 година.

Книгата веднаш предизвика силни политички реакции. Многумина во Атина ја читаат како сигнал за можна нова политичка формација предводена од Ципрас – проект што, според коментарите, практично веќе е одлучен, но чека погоден момент и политичка клима.

Ципрас ги „разврзува јазлите“ од минатото

„Итака“ содржи голем број директни оценки за поранешните партиски соработници, за динамиката во СИРИЗА во периодот на преговорите со кредиторите, за првиот министер за финансии Јанис Варуфакис, како и за односите со тогашната опозиција.

Во краток дел што го пренесе „Катимерини“, Ципрас го брани Преспанскиот договор и жестоко реагира на критиките од Киријакос Мицотакис:
„Тој го измисли бедниот наратив дека ‘Ципрас ја размени Македонија за пензии’. Кога првпат го слушнав тоа, не можев да верувам на ушите. Не очекував да падне толку ниско“, пишува поранешниот премиер.

Според порталот „24/7 њуз“, главната цел на книгата е да се расчистат контроверзиите околу преговорите од 2015 година и потпишувањето на третиот меморандум. Ципрас тврди дека излегувањето од еврозоната никогаш не било негов избор, иако дел од неговите соработници го туркале во таа насока. Тој јасно ги опишува и ставовите за ММФ, Жан-Клод Јункер, Волфганг Шојбле и другите фигури кои одиграа клучна улога во драматичните преговори.

На пат кон нова политичка авантура?

Грчките медиуми проценуваат дека успесите на „Итака“ – распродадениот тираж, интересот на јавноста и зголемената видливост на Ципрас – ќе бидат важни сигнали за неговите следни политички потези.

Се наведува дека поранешниот премиер веќе ја има донесено одлуката за создавање нова партија. Останува, велат аналитичарите, да го избере вистинскиот момент и соодветната политичка средина. Ова дополнително ќе ја усложни состојбата за СИРИЗА и Новата левица, кои тешко ќе го следат темпото што го наметнува Ципрас.

Во завршницата на книгата, тој остава симболично „ветување“:
„И кога ќе стигне до Итака, откако ќе се одмори во пристаништето на мирот, таа го преуредува својот брод за нови хоризонти. А ние, оние што сме дел од екипажот – поискусни, помудри и поподготвени – го заземаме своето место.“

13 фигури, дијалози и пресметки

Ципрас во книгата преку настани и разговори се навраќа на клучните моменти од неговото владеење. Особено внимание посветува на Јанис Варуфакис, кого го опишува како „фатална фигура“ во првата половина од 2015 година.

Тој открива дека поранешниот министер „го изгубил контактот со колегите од Еврогрупата“, се изолирал и предложил екстремни идеи, меѓу кои и исплата на плати и пензии преку купони наместо во пари.
„Кога го слушнав тоа, не знаев дали да плачам или да се смеам“, пишува Ципрас.

Во книгата тврди дека Варуфакис од предност се претворил во слабост и дека со својот конфронтациски стил ги засилил позициите на „јастребите“ во Брисел. Иако двајцата подоцна јавно одржуваа пријателски односи, Ципрас признава дека почнал да се сомнева во него „многу рано“.

„Итака“ како симбол

Насловот е одбран по островот на кој Ципрас во 2018 година објави дека Грција излегува од долгогодишната финансиска криза. Симболиката, како и порано, е јасна – крај на едно патување и почеток на ново.

Со успехот на книгата, многумина проценуваат дека новото патување на Алексис Ципрас веќе започнало.

Извор: Независен.мк

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни