Резултатите од истражувањето покажуваат дека мнозинството од граѓаните (59,8%) сметаат дека безбедноста во земјава е многу или главно загрозена. Меѓу нив, загриженоста е поизразена кај жените. Оваа загриженост опаѓа со зголемувањето на степенот на образование – од 67,0% кај оние со незавршено основно образование до 47,2% кај испитаниците со завршено високо образование.
Како да се надмине безбедносната загрозеност?
Кога беа прашани за можните решенија за намалување на безбедносната загрозеност, 64,0% од испитаниците се согласиле со изјавата дека построгите закони и поголема дисциплина меѓу граѓаните се неопходни. Големо мнозинство од 91,7% одговориле позитивно на ставот дека зголемувањето на стандардот на граѓаните ќе помогне во подобрувањето на безбедноста, што ја става економската димензија на безбедноста во преден план.
Двете области кои најмногу треба да се инвестираат за да се намали безбедносната загрозеност се: јакнењето на институциите (21,8%) и вложувањето во луѓето кои работат во системот на безбедност преку зголемување на плати и набавка на опрема (19,4%).
Истражувањето покажува дека невработеноста и сиромаштијата (57,9%), локалниот тероризам и вооружен бунт (52,0%), како и меѓуетничките тензии (51,3%), се факторите што најмногу можат да влијаат на безбедноста. Согласноста е висока и за фактори како што се нивото на демократија, задолженоста на земјата и порастот на политичката поларизација.
Граѓаните на Северна Македонија се многу загрижени за корупцијата, организираниот криминал, иселувањето на луѓето во странство, и финансиската задолженост. Речиси половина од испитаниците изразуваат голема загриженост за злоупотребата на дроги, а околу една третина за депопулацијата на населението, позната како „бела чума“.
Кога станува збор за безбедноста на жените, не се добиени мнозински афирмативни одговори за безбедноста на жените во бракот, на работа или на улица. Најмногу потврди има за безбедноста на жените во бракот, потоа на работа и на крај, на улица. За разлика од тоа, сите афирмативни одговори за безбедноста на мажите биле мнозински. Најголем процент (64,2%) сметаат дека мажите се безбедни во бракот, додека овој процент е понизок за безбедноста на работа (59,7%) и на улица (54,4%).
Истражувањето било спроведено од страна на МЦМС во соработка со компанијата М-Проспект, преку телефонска анкета на национален репрезентативен примерок од 1000 испитаници.