Популарните лекови за слабеење значително помагаат кај деца и адолесценти во намалување на телесната тежина и нивото на шеќер во крвта, според нова анализа објавена во списанието JAMA Pediatrics.
Станува збор за лекови од класата GLP-1 рецепторски агонисти, кои вклучуваат имиња како Ozempic, Wegovy, Mounjaro и Zepbound. Тие функционираат така што имитираат хормон кој го намалува апетитот.
Според анализата, базирана на 18 клинички испитувања со околу 1.400 деца и тинејџери на возраст од 6 до 17 години, овие лекови довеле до значително намалување на нивото на шеќер во крвта кај деца со дијабетес тип 2 и значително намалување на телесната тежина кај деца со дебелина
Несакани ефекти и ограничувања
Иако не е забележан пораст на самоубиствени мисли или однесување, се пријавени гастроинтестинални несакани ефекти, како што се мучнина и повраќање – чести и кај возрасни. Истражувачите предупредуваат дека треба дополнително да се проучи долгорочното влијание, особено врз растот, пубертетот, коскеното здравје и психосоцијалниот развој.
„Потребни се подолги и поинклузивни студии во реални услови за да се води идната употреба на овие лекови кај младите“, изјави Џијанг Биан, коавтор на студијата и здравствен научник од Универзитетот во Индијана, САД.
Кој треба да ги користи?
Иако се зголемува бројот на млади кои добиваат приватни рецепти за овие лекови, експертите предупредуваат дека тие треба да се препишуваат исклучиво во специјализирани клиники, со поддршка од психолози, нутриционисти и медицински сестри.
Професорот Џулијан Хамилтон-Шилд од Универзитетот во Бристол вели дека употребата е оправдана кај деца со тешка дебелина и дополнителни здравствени компликации, како на пример апнеа при спиење или дијабетес.
„Овие деца имаат сериозно нарушен квалитет на живот и им е потребна значајна редукција на тежината“, додава тој.
Предизвици по прекинување на терапијата
Кај возрасните, чест проблем е повторно зголемување на тежината по прекинување на лекот – нешто што може да се случи и кај децата. Поради ова, некои стручњаци дебатираат дали овие лекови ќе треба да се земаат доживотно.
Детска дебелина – глобален здравствен проблем
Според УНИЦЕФ, речиси едно од десет деца во светот е дебело, што значително го зголемува ризикот од: Дијабетес тип 2, висок крвен притисок, срцеви заболувања, масен црн дроб и намалена животна возраст.
Доктор Мохамад Магније, од Институтот „Џанина Гаслини“ во Италија, вели дека овие лекови може да понудат „прозорец на можности“ за рана интервенција и подобрување на детското здравје.
„Можеби децата ќе имаат поголема корист од раната интервенција отколку возрасните. Но, не смееме да заборавиме на примарната цел – превенција на дебелината“, додава тој.