Истражување: Социјалните мрежи предизвикуваат „гниење на мозокот“ кај деца помлади од 5 години

Мозокот на деца помлади од пет години поминува низ период на неверојатно брз раст. Затоа е исклучително загрижувачки што оваа клучна фаза на развој ја нарушуваме ненамерно, изложувајќи ги децата на огромни количини дигитална содржина. Ова се нарекува и „гниење на мозокот“.

На раширените штетни последици предупредува аналитичкиот извештај на Центарот за социјална правда (CSJ), британска организација насочена кон политики за борба против сиромаштијата, пишува Futurism.

Физички и психички последици

Дека влијанието од овој масовен, неконтролиран „експеримент“ веќе има вистински последици сведочат воспитувачите. „Имам две деца во моето одделение кои физички не можат да седат на тепихот“, изјавила една учителка цитирана во извештајот.

Истражувачите од CSJ предупредуваат дека децата, поради поплавата од неквалитетни видеа и содржини на социјалните мрежи, страдаат од „анксиозност и нарушувања на спиењето“. Други истражувања, исто така, потврдиле дека децата кои користат социјални мрежи постигнуваат полоши резултати на тестови за меморија и читање, додека зголеменото време пред екран може да предизвика депресија и зависничко однесување кај сите возрасни групи.

Алармантна статистика

CSJ го темели своето истражување на извештајот на британската агенција за комуникации Ofcom од мај оваа година, кој ги анкетирал родителите за медиумските навики на нивните деца. Истражувањето покажа дека отприлика едно од пет деца на возраст од три до пет години самостојно користи социјални мрежи.

Уште позагрижувачки, дури 37 проценти од анкетираните родители признале дека нивните деца на таа возраст имаат пристап до социјални мрежи, што е значаен пораст во однос на 29 проценти забележани пред три години. Според проценките на CSJ, тоа претставува околу 814.000 деца во Велика Британија чии развојни мозоци се изложени на нефилтрирана и често штетна интернет-содржина.

Истото истражување откри и дека четвртина од осумгодишниците и деветгодишниците што играат онлајн игри стапиле во контакт со непознати лица, што овие средини ги прави популарни места за предатори.

„Ова треба да нè загрижи сите“

„Ова истражување е длабоко алармантно“, изјави лорд Наш, член на британскиот Дом на лордовите и поранешен државен потсекретар за училишта. „Со оглед на тоа што стотици илјади деца помлади од пет години се на овие платформи—деца кои уште не знаат да читаат, а ги хранат содржини и алгоритми создадени да го привлечат вниманието на возрасни—ова треба да нè загрижи сите.“

Истражувачите изразија дополнителна загриженост: „Загрижени сме поради растечката анксиозност и дистрес поврзан со идентитетот, кој произлегува од постојаната стимулација од екраните. Училиштата известуваат за намалена концентрација и промени во однесувањето поврзани со онлајн нормите.“

Потребни се итни мерки

За да се заштитат децата, Центарот за социјална правда препорачува неколку конкретни мерки:
• подигнување на старосната граница за користење социјални мрежи на 16 години,
• целосна забрана на паметни телефони во училиштата,
• национална кампања за подигнување на свеста за опасностите што интернетот и социјалните медиуми ги претставуваат за јавното здравје.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни