Научниците анализирале повеќе од 12.000 снимки на мозок од речиси 5.000 здрави испитаници на возраст од 17 до 95 години и утврдиле дека кај мажите постојат поизразени структурни промени поврзани со стареењето, особено во областите одговорни за меморија, движење и визуелна перцепција.
Машкиот мозок побрзо губи маса
Кај мажите, постцентралниот кортекс – делот од мозокот што ги обработува допирот, болката и положбата на телото – се смалувал со стапка од 2% годишно, речиси двојно повеќе отколку кај жените (1,2%).
Покрај тоа, кај мажите е забележано поголемо истенчување на кортексот, особено во региони како што се парахипокампалната и фузиформната област, како и побрз пад во субкортикалните структури (како што се путаменот и каудатот), кои се клучни за моторните функции.
Кај жените, пак, истражувачите забележале поголемо проширување на мозочните комори, што е знак на стареење, но помало вкупно губење на мозочна маса.
Зошто Алцхајмер сепак повеќе ги погодува жените?
Резултатите сугерираат дека разликите во структурното стареење на мозокот не ја објаснуваат почестата појава на Алцхајмер кај жените. Според научниците, причините најверојатно се комбинација од хормонални промени по менопауза, разлики во васкуларниот и имуниот систем, генетски фактори (како APOE ε4 генот), и подолгиот животен век на жените.
Според податоците на СЗО, во 2021 година жените живееле во просек 73,8 години, додека мажите 68,4 години – што значи дека повеќе жени достигнуваат возраст кога ризикот од Алцхајмер е највисок.
Иако причините за поголемата ранливост на жените сè уште не се целосно разјаснети, истражувачите нагласуваат дека одговорот веројатно не се крие само во анатомската структура на мозокот, туку во комплексна биолошка и хормонална интеракција што го одредува процесот на стареење.
Извор: Euronews