Истражување: Носиме микропластика на планинарските чевли и опремата дури и кога одиме во најнедопрената природа

Ново научно истражување спроведено во планините Адирондак во американската сојузна држава Њујорк покажува дека планинарските чевли и синтетичката опрема се значаен извор на микропластично загадување во дивината.

Според резултатите, дури и најчистите планински езера се загадени од честички пластика што ги носат самите планинари.

Истражувачите споредиле нивоа на микропластика во две езера – едното во близина на популарна планинарска патека со голем број посетители, а другото во тешко пристапна област, далеку од човечка активност. Разликата била драматична: езерото до кое секојдневно минуваат планинари имало околу 23 пати повеќе микропластика од изолираната локација.

„Меките ѓонови на спортските чевли и синтетичката облека очигледно претставуваат голем извор на микропластика што завршува во овие инаку недопрени води,“ изјави Тим Кејс, научник за податоци од Универзитетот „Сејкред Харт“, кој го спроведе истражувањето во соработка со непрофитната организација Adirondack Hamlet to Huts и неговата компанија Evergreen Business Analytics.

Микропластиката претставува ситни честички пластика кои или намерно се додаваат во производи, или настануваат со распаѓање на поголеми пластични материјали. Овие честички можат да содржат илјадници хемикалии, меѓу кои и опасни супстанции како BPA, фталати и PFAS, кои се поврзуваат со сериозни здравствени ризици. Истражувањата покажуваат дека микропластиката може да се најде во сите делови од човечкото тело, па дури и да ја премине мозочната и плацентарната бариера.

Претходни студии утврдиле дека до 70% од микропластиката во океаните потекнува од облека. Таа веќе е пронајдена и во облаците и во врнежите, што укажува на нејзината глобална распространетост.

Во 2023 година, Кејс земал примероци од езерото Lake Tear of the Clouds, кое се наоѓа на околу 1.300 метри надморска височина и е познато по честите посети на планинари. Тогаш било утврдено присуство од 9,45 микрочестички на милилитар вода, а се претпоставувало дека загадувањето доаѓа од воздухот и врнежите.

Меѓутоа, кога научниците се вратиле во 2025 година и го повториле истражувањето, овојпат споредувајќи го Lake Tear со изолираното езеро Moss Pond, резултатите биле јасни: Moss Pond имало само 0,73 микрочестички на милилитар, додека Lake Tear дури 16,54. Овие податоци потврдуваат дека човечкото присуство – особено преку обувки и облека – е главен извор на загадувањето.

„Оваа голема разлика е јасен показател дека микропластиката се внесува преку обувки и опрема на илјадниците планинари кои минуваат низ таа област секоја година,“ вели Кејс.

Наодите ги потврдува и Сами Романик од Environmental Working Group, која не учествувала во истражувањето, но ја оценила методологијата како „научно точна и добро спроведена“.

Истражувачите апелираат до производителите на спортска опрема да развиваат материјали кои ќе испуштаат помалку микропластика. Во меѓувреме, планинарите се советуваат да користат обувки со потврди гумени ѓонови и да избираат природни ткаенини каде што е можно, со цел да се намали овој сè поалармантен вид на загадување.

Извор: The Guardian

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни