Истражување: Најмалите деца најмногу ги шират вирусите

Есенските денови не носат само пониски температури, туку и почеток на сезоната на настинки, кашлица и затнати носиња – особено кај најмладите.

Ново истражување потврдува нешто што повеќето родители одамна го знаат – најмалите деца најмногу придонесуваат за ширење на вирусите, пишува Euronews.

Децата меѓу 3 и 10 години – најчести преносители

Според студијата објавена во научното списание Pediatrics, децата на возраст од три до десет години многу почесто пренесуваат респираторни вируси отколку постарите ученици или возрасните кои работат во училиштата. Истражувањето опфатило повеќе од 800 ученици и вработени во периодот од ноември 2022 до мај 2023 година.

Повеќе од 85% од сите учесници имале барем една респираторна инфекција. Најмладите, на возраст од три до пет години, имале позитивен резултат на вирус кај 92% од случаите, кај децата од 11 до 13 години процентот бил 86%, а кај средношколците 77%.

Најчести биле инфекциите со риновирус – причинителот на обичната настинка, кој бил откриен кај 65% од испитаниците. Вирусот на ковид-19 бил присутен кај околу 15%.

Педијатарот д-р Џенифер Голдман објаснува дека малите деца можат да имаат и до десет респираторни инфекции годишно, бидејќи нивниот имунолошки систем сè уште првпат се среќава со многу вируси.

Слични резултати покажала и студијата од Универзитетот во Јута од 2015 година – децата под пет години имале вирус во организмот речиси половина година. „Ако имате повеќе деца дома, секогаш некое ќе биде болно“, вели коавторката д-р Кери Бајингтон.

Како да се заштитиме од вируси

Иако целосно спречување на болестите кај децата е речиси невозможно, стручњаците препорачуваат вакцинација против грип и ковид-19, често миење на рацете, покривање на устата при кашлање и редовно проветрување на просториите.

Кога детето ќе се разболи, најважни се одмор и внес на течности, а во потешки случаи лекарот може да препише лекови за намалување на температурата или антивирусна терапија.

„Родителите на мали деца треба да очекуваат настинка или вирус на секој месец до месец и пол – така изгледа реалноста,“ додава д-р Никол Торес, педијатар и мајка.

Извор: N1info.rs

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни