Истражување на компанијата Anthropic открива сложен однос на луѓето кон вештачката интелигенција (AI), при што најголемите придобивки што ги препознаваат корисниците се истовремено и нивните најголеми стравови.
Студијата опфати повеќе од 80.000 испитаници од 159 земји, што Anthropic ја опишува како едно од најголемите квалитативни истражувања во оваа област. Главниот заклучок е дека односот на луѓето кон AI е двоен и контрадикторен — феномен што истражувачите го нарекуваат „светло и сенка“ (light and shade).
Според резултатите, многу корисници го гледаат AI како алатка што им помага во секојдневието — од автоматизација на работни задачи до емоционална поддршка во тешки животни ситуации, како губење близок или живот во услови на војна.
Истовремено, истата технологија предизвикува загриженост. Испитаниците изразиле страв дека прекумерното користење може да доведе до зависност од AI и намалување на способностите за самостојно размислување. Еден од учесниците, адвокат, истакнал дека додека AI му помага во анализа на договори, се прашува дали постепено ја губи способноста за критичко читање и размислување.
Истражувањето покажува дека околу 89% од испитаниците имаат одредени грижи поврзани со AI, додека најчестите се однесуваат на:
- несигурност и можни грешки на AI системите (27%)
- влијание врз работните места и економијата (22%)
- недостаток на човечки надзор при донесување одлуки (22%)
- губење на критичко размислување (16%)
- недоволна регулација и нејасна одговорност (15%)
Покрај тоа, дел од испитаниците истакнуваат дека AI им овозможува да ослободат време за семејството и поважни активности, што се смета за една од најголемите вредности на технологијата.
Во професии како правото, ефектот е особено изразен — адвокатите пријавуваат и најголеми придобивки и најголема изложеност на ризици, особено во однос на доверливоста и точноста на AI системите.
Глобални разлики во ставовите
Студијата покажува и значителни регионални разлики. Во Северна Америка, Западна Европа и Океанија, корисниците повеќе се загрижени за регулација, приватност и надзор. Во овие региони, каде AI веќе е широко интегриран во работата, луѓето почесто стравуваат од губење на работни места.
Од друга страна, во региони како Субсахарска Африка, Латинска Америка и Јужна Азија, ставовите се пооптимистични. Таму AI се гледа како алатка за економско израмнување која овозможува полесен пристап до образование и започнување бизнис.
Во Источна Азија, пак, помалку загриженост се забележува околу контролата врз AI, но постои поголема свесност за можноста од намалување на когнитивните способности.
Според истражувањето, 67% од испитаниците имаат генерално позитивен став кон AI, но разликите меѓу региони укажуваат дека перцепцијата за технологијата зависи од економскиот и општествениот контекст.
Anthropic наведува дека овие наоди ќе помогнат во понатамошниот развој на нивниот чет-бот Claude, со цел подобро да се адресираат потребите и стравовите на корисниците.