Во студијата објавена во списанието Nature Communications, претставена е нова метода која овозможува ХИВ вирусот трајно да се деактивира во заразените клетки, спречувајќи го неговото размножување и пренос.
За разлика од досегашните терапии кои пациентите мораат да ги земаат цел живот, оваа метода има поинаков пристап – вирусот се држи „во сон“, без можност да се активира и шири понатаму.
Со тоа се спречува дополнително оштетување на имунитетот и преносот на вирусот на други лица.
Годишно, во светот околу 600.000 луѓе умираат од инфекции поврзани со ХИВ.
„Ова е голем и значаен чекор, но ќе бидат потребни уште неколку години тестирања за да се провери дали методот е безбеден и ефикасен кај луѓето“, изјави професорот Зегер Дебијсер од Медицинскиот факултет во Лувен, кој го предводеше тимот.
Во наредната година се планираат токсиколошки студии, по што ќе следуваат клинички испитувања прво на здрави доброволци, а потоа и на заболени лица. Целиот процес се очекува да трае најмалку пет години.
Според податоците на Светската здравствена организација, околу 40 милиони луѓе во светот денес живеат со ХИВ, а минатата година повеќе од 600.000 починале од болести поврзани со вирусот. Само во Белгија има околу 18.000 лица со ХИВ.
Ова откритие дава надеж дека еден ден луѓето заразени со ХИВ ќе можат да живеат без секојдневна терапија.