Граѓаните на Хрватска покажуваат сè посилни негативни емоции кон политиката и политичарите, а расте и вербата во антисемитски теории на заговор, како и во теории за „големата фарма“ и дигитален надзор, покажува истражување на Јадранската опсерваторија за дигитални медиуми (ADMO) претставено денеска.
Според професорот Небојша Блануша од Факултетот за политички науки во Загреб, довербата во институциите останува ниска, а доминираат чувства како одбојност, загриженост, гнев и беспомошност, пренесува Индекс. Истовремено, вербата во политичарите и надежта во политиката добиле оценки од само 0,5 до 1 на скала од 0 до 4.
Истражувањето покажува дека дури 30 отсто од испитаниците веруваат дека „Евреите управуваат со најважните светски настани“, што е раст од 10 проценти во споредба со минатата година.
Меѓу најраспространетите теории на заговор се и дека големите фармацевтски компании намерно шират болести, дека постои тајна група моќници што управува со светот, како и дека масоните и илуминатите имаат значително влијание врз државните политики.
Посебно внимание се обрнува и на новите теории поврзани со војната во Украина, како што е онаа дека украинските бегалци во Хрватска добиваат великодушна социјална помош и возат скапи автомобили – во што веруваат 52 отсто од испитаниците.
Истражувањето било спроведено во февруари и март годинава врз 690 испитаници на возраст од 18 до 65 години кои користат интернет.