Не само што сè повеќе млади мажи се сами, туку сѐ помалку развиваат емотивни и сексуални вештини. Нивото на сексуална блискост меѓу мажи и жени е на најниско ниво во последните 30 години.
За разлика од претходните генерации, кои полесно воспоставуваа физичка блискост што водеше до подлабоки односи, денешните млади мажи се соочуваат со нови предизвици. Жените се повеќе го избираат образованието, кариерата и финансиската независност пред врските.
Местото за развој на емотивна писменост остана неискористено – голем дел од младите мажи се повлекоа од реалниот свет и најдоа прибежиште во виртуелните простори. Според психологот Фред Рабиновиц од Универзитетот Редлендс, многу млади денес ги задоволуваат своите потреби преку социјални мрежи и порнографија, без да ја напуштат куќата.
Истражувањата од САД, Велика Британија, Австралија и Италија покажуваат дека меѓу 76 и 87 отсто од мажите од 18 до 29 години редовно гледаат порнографија. Тие што почесто гледаат таква содржина пријавуваат пониско задоволство во реалните сексуални односи.
Загрижува и порастот на психогени еректилни проблеми, потешкотија при ејакулација и намален сексуален нагон кај мажите под 40 години – состојби кои се поврзуваат со преголема изложеност на порнографија.
Психологот Грегори Матос во текст за Psychology Today предупредува: избегнувањето реални односи и потрага по „брзо задоволство“ носи долгорочни последици – помалку социјални интеракции значи и помалку можности за вистинска емоционална и сексуална блискост.
Според Универзитетот во Чикаго, бројот на мажи под 30 години кои не оствариле сексуален однос во изминатата година се има утроено од 2008 година и денес изнесува 28 отсто. Повеќе од половина Американци на возраст од 18 до 34 години немаат стабилен партнер.
Причините се различни: подоцнежно влегување во врски, финансиска зависност од родителите, порнографијата, но и тоа што многумина едноставно преферираат да останат дома со видео-игри, Netflix и социјални мрежи.
Иако овие трендови сè уште не се целосно присутни во Велика Британија, експертите предупредуваат дека под слични културни и технолошки услови, истите промени може брзо да се појават и таму.
Сѐ на сѐ, комбинацијата од технолошки развој, економски предизвици и нови животни приоритети длабоко го менува интимниот живот на денешната младина – и можеби засекогаш ги менува правилата на партнерските односи.