Со посебна одлука на Владата на Србија, на одреден број руски државјани им е доделено српско државјанство надвор од стандардните процедури – со посебна одлука на Владата, објави белградскиот истражувачки портал КРИК.
Во одлуката е наведено дека тоа е на правено поради „национален интерес“ на Србија, се вели во текстот што заеднички го подготвија КРИК и рускиот портал „Важни приказни“.
На тој начин дури 204 Руси и Русинки станале државјани на Србија со посебна мерка и со тоа успеале да ги заобиколат ограничувањата за патување што им ги наметна Европската унија, а на списокот има и голем број, како што се наведува, моќни Руси.
За еден од нив, Иван Сибирев, КРИК пишува дека е воен профитер чија компанија „Р-строј“ развивала бизниси во украинските градови уништени од војната и дека лани ЕУ ја казнила неговата компанија затоа што се збогатила благодарение на војната.
„Од руската инвазија на Украина во 2022 година, на руските граѓани им е отежнато да патуваат во земјите од ЕУ и во неколку други земји. Сепак, моќните Руси поврзани со разузнавачките структури, воените профитери и олигарсите најдоа начин да ги заобиколат визите обезбедувајќи пасоши од други земји од кои можат слободно да патуваат во ЕУ. На многумина од нив им беше привлечен српскиот пасош. На овие влијателни Руси не им било воопшто тешко да дојдат до него. Иако не ги исполнуваа критериумите за да станат српски државјани, Владата на Србија, на чело најпрво од Ана Брнабиќ, а потоа и од Милош Вучевиќ, им додели државјанство на овие контроверзни Руси без процедурата што важи за странците, оправдувајќи го тоа со српскиот национален интерес“.
Меѓу оние кои добиле државјанство на тој начин се и Руси поврзани со политичката елита од Кремљ, Руската служба за безбедност (ФСБ), воената индустрија, оние кои се збогатиле за време на војната во Украина и други деловни гиганти, покажува истражувањето на „Важни приказни“ и КРИК. Не е јасно кои национални интереси на Србија се задоволени со тие одлуки.