Истражување: Гледањето хорор филмови ве прави имуни на стрес

„Кога се случуваат лоши работи во светот или во околината, некои луѓе имаат одбранбен механизам и можат подобро да се справат со тие ситуации. Причината за тоа е често гледањето хорор филмови, бидејќи има луѓе кои кога ќе се случат страшни ситуации, утеха наоѓаат во седење покрај малите екрани и гледање нешто уште пострашно“, вели Колтан Скривнер, водечки автор на студијата спроведена на Универзитетот во Чикаго.

Во научна студија спроведена на Универзитетот во Вестминстер на учесниците им ги мереле внесот на кислород и излезот на јаглерод диоксид, како и срцевиот ритам додека гледале 10 популарни хорор филмови.

Научниците откриле дека гледањето хорор филм во траење од 90 минути согорува помеѓу 100 и 185 калории, приближно исто колку и кратка прошетка.

„Како што пулсот се забрзува и крвта побрзо се пумпа низ телото, а со тоа организамот доживува наплив на адреналин. Токму ова ослободување на адреналин за кратко време, произведен при изложеност на краток интензивен стрес, доведува до намален апетитот, како и до забрзување на метаболизмот. Сето тоа резултира со согорување на повисоко ниво на калории“, вели Ричард Мекензи, водечки истражувач на студијата.

Истражувачите открија дека филмовите кои предизвикуваат брз стрес кој доведува на момент дури да потскокнете се најдобри согорувачи на калории, бидејќи предизвикуваат најголемо зголемување на отчукувањата на срцето.

Што значи „хорор“

Потеклото на зборот „хорор“ е од стариот француски збор „horror“ (во современ француски horreur) или од латинскиот збор „horror“, со значење „страв, тресење“. Хорор-жанрот има корен во фолклорот и религиозните традиции што се фокусираат на смртта, задгробниот живот, злото, и различните демонски запоседнувања на личноста кои во литературата се сретнуваат како вештерки, вампири, врколаци или духови.

Хорор-жанрот се формализира со појавувањето на готскиот роман во XVIII век, а денес претставува милионска индустрија со широко влијание на уметностите и поп-културата, а особено во рамки на филмот и видеоигрите. Некои од најпознатите автори на ужаси се Едгар Алан По, Мери Шели, Брам Стокер, Х.П. Лавкрафт и Стивен Кинг. Содржините на хорор-жанрот често се однесуваат на судири со злото во рамки на секојдневниот живот.

Дали хорор филмовите се добри за децата или создаваат фобии?

Најновата студија открива дека љубителите на хорор филмови подобро се справуваат психолошки со стресните ситуации. Но, дали е мудро да се гледаат овие страшни филмови уште од мали нозе?

„Кога се случуваат лоши работи во светот или во околината, некои луѓе имаат одбранбен механизам и можат подобро да се справат со тие ситуации. Причината за тоа е често гледањето хорор филмови, бидејќи има луѓе кои кога ќе се случат страшни ситуации, утеха наоѓаат во седење покрај малите екрани и гледање нешто уште пострашно“, вели Колтан Скривнер, водечки автор на студијата спроведена на Универзитетот во Чикаго.

Авторите на студијата истакнуваат дека луѓето кои гледаат хорор филмови се поспремни да се справат со негативни емоции, катастрофи, лоши и трагични животни ситуации. Всушност, гледајќи хорор филмови, ја тренира публиката за стресни ситуации.

Дали децата можат да гледаат хорор филмови?

Истражувањето на Скривнер се фокусирало на возрасните, па не е точно дефинирано дали децата кои гледаат страшни филмови ќе ги доживеат истите психолошки искуства. Сепак, соочувањето со стравовите им помага на децата да бидат поотпорни на многу работи, вели еден од истражувачите на оваа студија.

Гледањето хорор филмови е можност да се исплашиш и да почувствуваш страв и да поминеш низ таа емоција. Исто така, ни овозможува да развиеме емпатија и да заземеме став. Авторите наведуваат дека децата, гледајќи ги овие филмови, градат одреден одбранбен механизам и подготвуваат реакции на одредени настани во општеството.

Како да препознаете дека детето е подготвено да гледа хорор филм

Ако вашето малечко се жали дека има чести кошмари, страв од темнина и чудовишта, како и фобија од непознати луѓе после гледање филм, тоа укажува дека се уште не е подготвено да гледа хорор. Мора да го познавате вашето дете и да знаете кога е време да му кажете: „Можеби ова не е најдобриот избор за твојата возраст, рано е“.

Бидете отворени со вашето дете и кажете му дали нешто во филмот ве исплашило

„Реакцијата на родителите е многу важна“, Скривнер.

Не треба да бидете премногу емотивни и чувствителни, но немојте да мислите дека е лошо ако ги покажувате своите емоции пред вашето дете. Без разлика дали гледате филм со вашето дете или тоа го гледа само, потсетете го дека секогаш има опција да оди во собата и таму да гледа нешто друго или да си игра со играчки.

Разговарајте со вашето дете после филмот за да му помогнете подобро да го разбере и да ги игнорира лошите и негативните елементи кои не се реални.

Првиот хорор филм е од 1896 година

„Le Manoir du diable“ или „Куќата на ѓаволот“ е француски краток нем филм од 1896 година, режиран од Жорж Мелиес. Филмот, кој прикажува средба со ѓаволот и преминувањето на човек во лилјак, а сето тоа преку пантомима наменет е да предизвика забава кај публика, наместо страв. Сепак, поради неговите теми и ликови, филмот технички се смета за првиот хорор филм. Тој е во времетраење од три минути кои за времето во кое е снимен биле многу.

Филмот се сметаше за изгубен до 1988 година, кога беше пронајдена копија во Филмската архива на Нов Зеланд.

Прв југословенски хорор филм

Во 1973 Југославија го добива првиот хорор филм. Тој е именуван како „Лептирица“, а е режиран од Ѓорѓе Кадијевиќ кон почетокот на 70-те години, за продукцијата на Радиотелевизија Београд. Набрзо по премиерата тој се стекнал со епитетот најстрашен вампирски филм.

Дејството на филмот се случува кон средината на 19-ти век, во српското село Зарожје. Селото е на удар на вампирот Сава Савановиќ кој го убива секој кој ќе се приближи до воденицата во шумата, недалеку од селото. Селаните стануваат очајни со оглед на тоа што остануваат без храна, бидејќи сите воденичари им се убиени. Пресвртите настануваа кога сиромашното момче Страхиња се вљубува во Радојка.

Меѓу бројните коментари од оние кои го гледале овој филм е: „Кој го гледал „Лептирица” на 7 години, не можел да заспие до 25“.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Најново

Последни колумни