Археолозите го истражуваат локалитетот Врбник во Струга

Оваа година се продолжи со истражувачкиот проект „Подводни археолошки и интердисциплинарни (дендрохронолошки и радиокарбон) истражувања на локалитетот”

Од 26 август се одвива новата истражувачка кампања на палафитната населба на археолошкиот локалитет Врбник во Струга каде од 1998 година започнаа првите подводни археолошки истражувања. Овие истражувања ги водеше археолошкото одделение во НУ Музеј на Македонија во соработка со Народниот музеј д-р Никола Незлобински од Струга и Сојузот на нуркачки друштва на Република Македонија, под раководство на археологот Воислав Санев.

Од 2001 година истражувањата со мали прекини ги водеше НУ Музеј д-р Никола Незлобински од Струга, а во последните три години Археолошкиот музеј од Скопје под раководство на м-р Валентина Тодороска, подводен археолог.

Оваа година се продолжи со истражувачкиот проект „Подводни археолошки и интердисциплинарни (дендрохронолошки и радиокарбон) истражувања на локалитетот Врбник“ како континуитет на кампањите во 2022 и 2023 година.

Со истражувањата на нов простор северно од постоечката мрежа, беше откриен движен археолошки материјал кој се состоеше од бројна кујнска и складишна керамика, а поретко трпезна керамика и керамички тегови од разбои како составен дел на куќниот инвентар кој се истражуваше. Покрај керамика се открија и повеќе метални наоди (утилитарни предмети: ножиња, брич, срп, и др. метални предмети), наоди од камен (толчници и фрагменти од мелници), бронзен накит (двојни игли), неколку фрагменти од археозоолошки материјал и се земаа примероци од дрвените колци за дендрохронолошка анализа, која ќе се врши на Универзитетот во Берн, Швајцарија.

Учесниците во овогодинешниот проект беа: д-р Александра Папазовска, археолог – раководител на проектот, м-р Валентина Тодороска – подводен археолог, Цветлана Василевска – археолог, Бојан Танески – подводен археолог, д-р Орданче Петров – подводен археолог, м-р Александра Чевреска – археолог, Никола Хаџи-Николов – археолог и нуркачки тим: Димитар Стојаноски, Никола Кукунеш, Цветко Мариноски, Слободан Рајковски, Драги Цветковски, Никола Мартиноски, Владимир Голабовски.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Најново

Последни колумни