Повторно отворена истрага за ранчот на Епстин во Ново Мексико

Главниот обвинител на американската сојузна држава Ново Мексико нареди повторно отворање на кривичната истрага за наводни злосторства поврзани со ранчот што беше во сопственост на Џефри Епстин, соопшти тамошното Министерство за правда.

Одлуката следува по објавувањето на милиони документи од страна на Министерство за правда на САД на 30 јануари, кои се однесуваат на случајот Епстин и содржат нови информации за неговите активности во Ново Мексико во период од три децении.

Главниот обвинител Раул Торез нареди повторно отворање на истрагата за ранчот „Zorro Ranch“, лоциран јужно од главниот град Санта Фе. Претходната истрага беше затворена во 2019 година за да не се преклопува со федералните постапки.

Според соопштението, повторното отворање на случајот е поврзано со наводи содржани во новообјавените документи на ФБИ. Обвинителството соопшти дека истражува тврдење според кое Епстин наводно наредил закопување тела на две млади странски државјанки во ридовите надвор од ранчот.

Паралелно, законодавниот дом на Ново Мексико формираше парламентарен одбор кој ќе собира искази во рамки на посебна истрага за наводните злосторства на ранчот. Оваа постапка е одвоена од кривичната истрага што ја води државното обвинителство.

Епстин почина во затвор во Њујорк во 2019 година, додека се соочуваше со федерални обвиненија за трговија со луѓе заради сексуална експлоатација.

Ранчот „Zorro Ranch“ во 2023 година беше продаден на бизнисменот Дон Хафинс. Неговиот портпарол соопшти дека новите сопственици ќе соработуваат со надлежните органи доколку добијат официјално барање за пристап до имотот.

Обвинителството најави дека ќе ги анализира новите информации од федералните документи и ќе утврди дали постојат основи за понатамошни кривични постапки.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни