Уметницата Марина Абрамовиќ повторно ќе влезе во историјата — со изложба во Галеријата на Академијата во Венеција, која ќе биде отворена во мај 2026 година за време на 61. Венециско Биенале на уметноста. Со ова, Абрамовиќ ќе стане првата жива уметничка што самостојно ќе изложува во оваа институција од нејзиното отворање во 1817 година.
Ова не е првпат Абрамовиќ да руши бариери — во 2023 година стана првата жена со самостојна изложба во Кралската академија на уметности во Лондон, а во 1997 година беше првата жена што освоила Златен лав на Венециското биенале, за нејзиниот антивоен перформанс „Балкански барок“.
“Трансформирачка енергија” — од Кинескиот ѕид до Венеција
Најавената изложба, насловена „Transforming Energy“ („Трансформирачка енергија“) , веќе дебитираше во Музејот на модерна уметност (MAM) во Шангај во 2024 година. Изложбата е инспирирана, меѓу другото, од епската перформативна прошетка на Марина Абрамовиќ и Улaj по Кинескиот ѕид во 1988 година, со која симболично го завршија своето уметничко и емотивно партнерство. Двајцата тргнаа од спротивни краеви на ѕидот и се сретнаа по 90 дена пешачење — средба со која ја затворија својата врска.
Куратор на изложбата во Венеција ќе биде Шаи Баител, уметнички директор на MAM, во тесна соработка со самата Абрамовиќ, која следната година ќе го прослави својот 80-ти роденден.
Од „Ритам 0“ до „Пиета“ – дијалог со ренесансата
Меѓу делата кои ќе бидат изложени се:
- „Шеталка по Кинескиот ѕид“ (1988/2008)
- „Ритам 0“ (1974) – шестчасовен перформанс во Неапол, каде што Абрамовиќ им дозволи на посетителите да употребат 72 објекти на нејзиното тело, вклучително и пиштол и секира.
- „Imponderabilia“ (1977) – перформанс во кој Абрамовиќ и Улaj стојат голи на влезот во галеријата, терајќи ги посетителите да поминат меѓу нив.
- „Балкански барок“ (1997) – за кој го доби Златниот лав.
- „Pietà (со Улaj)“ (1983) – фотографија на која Абрамовиќ го држи Улaj во крилото, поставена споредно со делото на Тицијан „Pietà“ (1575-76), неговото последно, недовршено дело. Ова е во чест на 450-годишнината од смртта на Тицијан, која ќе се одбележи во 2026 година.
Телото како мост меѓу минатото и иднината
Изложбата ќе понуди дијалог меѓу пионерските перформанси на Абрамовиќ и ренесансните ремек-дела што го обликувале идентитетот на Венеција. „Во својата суштина, изложбата поврзува минато и сегашност, материјално и нематеријално, тело и дух“, соопшти Галеријата на Академијата.
Посетителите ќе можат интерактивно да учествуваат преку „транзиторни објекти“ – кревети и структури изработени од камен и кристали (како кварц и аметист), врз кои ќе можат да лежат, седат или стојат. Абрамовиќ го нарекува ова „пренос на енергија“.
Личен круг се затвора – од девојче на Биенале до историска фигура
Во официјалното соопштение, Марина Абрамовиќ се присети на своето прво посетување на Венециското Биенале со нејзината мајка, кога имала само 14 години. „Патувавме со воз од Белград. Кога ја видов Венеција првпат, заплакав – беше неверојатно убава, поинаква од сѐ што дотогаш сум видела“, изјави таа.
Од тој момент, враќањето во Венеција стана традиција, а добивањето на Златниот лав во 1997 година го запечати специјалното место што овој град го има во нејзиниот живот.