Веќе нема дилеми дека играчот од средниот ред на Баер Леверкузен, Флоријан Вирц (22), ќе ја продолжи кариерата во Ливерпул, откако раководството на премиерлигашот се договори за петгодишен договор со германскиот репрезентативец и сега преостанува да се „ценкаат“ околу висината на обесштетувањето, објавија денеска британските медиуми.
Вирц ги одби понудите од Баерн Минхен и Манчестер Сити и одлучи да се пресели на „Енфилд“ бидејќи верува дека совршено ќе се вклопи во ултрамодерниот фудбал на тренерот Арне Слот.
Медиумите засега не откриваат колку ќе заработува во англиското првенство, но се проценува дека неговата плата ќе биде блиску до примањата на двајцата најплатени играчи на Ливерпул, Мохамед Салах (25 милиони евра по сезона) и Вирџил ван Дајк (21 милиони евра).
Договорот на Вирц со Баер Леверкузен истекува во јуни 2027 година, а раководството на германскиот клуб претходно ја отфрли понудата на Ливерпул од 135 милиони евра отштета. Германскиот клуб бара 150 милиони евра обесштетување и нема намера да попушти.
Според британските медиуми, Ливерпил, на крајот, ќе се согласи со таа цена, бидејќи извршниот директор Мајкл Едвардс доби зелено светло од сопственикот на клубот да се согласи со бараната отштета.
Доколку ова се оствари, трансферот на Вирц во Ливерпул ќе биде најскапиот трансфер во историјата на Премиер лигата.
Сопственик на Ливерпул е мултинационалниот спортски конгломерат од Бостон „Фенвеј Спортс Груп Холдингс“, кој е сопственик и на бејзбол тимот Бостон Ред Сокс и на хокеарскиот тим Питсбург Пингвинс.
Вирц постигна 16 голови и додаде 15 асистенции за Баер оваа сезона.