Историски преговори во Абу Даби: Москва, Вашингтон и Киев на иста маса по четири години војна

Во Абу Даби се разгледуваат територии, безбедносни гаранции и можен мировен договор меѓу Русија, САД и Украина.

Во Абу Даби завршија трилатералните преговори за безбедноста на Украина меѓу делегациите на Москва, Вашингтон и Киев – прв ваков состанок од почетокот на војната пред речиси четири години. Според руските медиуми, на разговорите биле разгледувани неколку нацрт-документи за мир, кои опфаќаат територијални прашања, безбедносни гаранции и други клучни аспекти на можен договор.

Руската работна група, предводена од адмиралот Игор Костјуков, по завршувањето на средбата се вратила во хотелот, додека официјални изјави за исходот засега нема. Претходно, агенцијата ТАСС објави дека преговарачките тимови детално ги анализираат условите за потенцијно мировно решение.

Разговорите, кои започнаа вчера и продолжија утрово зад затворени врати, се оценуваат како значаен дипломатски исчекор, имајќи предвид дека за првпат на иста маса седнаа претставници на сите три страни од конфликтот.

Во Абу Даби учествуваа и американскиот пратеник Стив Виткоф, Џаред Кушнер и генерал Даниел Дрискол, по што американската делегација веднаш отпатува за Израел, каде ќе разговара за иднината на Газа – што укажува на поширок геополитички контекст на средбата.

Украинскиот претседател Володимир Зеленски потврди дека на состанокот било отворено и чувствителното прашање за Донбас. Територијалниот спор останува најголема пречка, бидејќи Русија бара Украина да се откаже од околу 20 проценти од територијата на Доњецк што сè уште е под украинска контрола, барање што Киев категорично го одбива.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни