Историски настап на Bad Bunny: Super Bowl за првпат целосно на шпански

Латино ѕвездата настапи на полувремето на Super Bowl LX со шоу посветено на порториканскиот и латино идентитет

Bad Bunny испиша нова страница во историјата на Super Bowl полувремето со првиот настап што во целост беше изведен на шпански јазик. Неговиот настап на Apple Music Halftime Show за време на Super Bowl LX се одржа пред милионска телевизиска публика и беше фокусиран на прослава на порториканската и латино култура.

Историскиот настап се случи на Super Bowl LX, одигран на стадионот „Левис“ во Санта Клара, Калифорнија, каде што Сиетл Сихокс ја победија екипата на Њу Ингланд Патриотс со резултат 29–13. Со оглед на тоа што Super Bowl традиционално е еден од најгледаните телевизиски настани во САД, настапот на Bad Bunny беше во центарот на глобалното медиумско внимание.

Со ова шоу, 31-годишниот уметник стана првиот латино соло-изведувач што настапил како главен носител на програмата релизиранана полувремето, како и првиот артист кој го изведе целиот сет на шпански јазик. Настапот дојде по година во која Bad Bunny беше најстримуваниот артист на Spotify во 2025 година.

Сценографијата и визуелниот идентитет на шоуто беа силно поврзани со историјата, урбаната култура и симболиката на Порторико. На сцената доминираа танчари, знамиња и визуелни елементи кои го претставија настапот не само како музичка програма, туку и како израз на културен идентитет. Сетлистата беше составена од неговите најпознати регетон и трап хитови, изведени во континуиран ритам, со цел да создадат атмосфера на масовна забава.

Иако настапот беше најавен како соло шоу, публиката беше изненадена со појавувања на неколку познати личности. Меѓу нив беше актерот Педро Паскал, кој се појави на сцената танцувајќи, а во одреден сегмент беа забележани и Карди Би, Џесика Алба и Карол Џи.

Настапот содржеше и суптилни политички пораки. На една од сценските проекции се појави порака на англиски јазик: „The only more powerful hate is“, без завршеток, оставајќи простор за интерпретација, додека фудбалската топка што ја држеше Bad Bunny ја носеше пораката „Together, We Are America“.

Неговиот ангажман дојде по јавни критики од американскиот претседател Доналд Трамп и од конзервативни кругови, по што беше организирано и алтернативно „All-American“ полувреме со Kid Rock. И покрај тоа, NFL застана зад изборот на Bad Bunny, наведувајќи ја неговата глобална популарност и стратешката важност за проширување на латино и меѓународната публика.

Целосниот настап од Apple Music Super Bowl LX Halftime Show е достапен за гледање на официјалните канали на YouTube и Apple Music, додека кратки видеа и снимки се дел од Super Bowl прегледите на американските медиуми и спортски платформи.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни