Историски момент во Европа: Повеќе од еден милион граѓани бараат безбеден и бесплатен пристап до абортус

Додека Европа бара универзално право на абортус, во Македонија таблетите за медикаментозен абортус сè уште не се регистрирани, а пристапот останува ограничен.

Во 21 век, низ Европа, над 20 милиони жени немаат пристап до безбедна и достапна услуга за прекин на бременост. Во некои земји, како Полска и Малта, жените и денес умираат или се соочуваат со кривична одговорност поради забрани, додека во други, како Хрватска и Италија, правото постои само на хартија – бидејќи лекарите често одбиваат да го извршат абортусот повикувајќи се на „приговор на совеста“.

Овој недостиг од универзален пристап предизвикува не само здравствени, туку и економски и психолошки последици, особено за сиромашните и маргинализираните жени кои не можат да патуваат или да платат приватна услуга.

Европска иницијатива со историска поддршка

На 31 август беше поднесена до Европската комисија граѓанската иницијатива „My Voice, My Choice“ (Мој глас, мој избор), потпишана од 1.124.513 граѓани на Европа. Ова е првпат во историјата на ЕУ граѓаните преку Европска граѓанска иницијатива да бараат конкретен закон за пристап до безбеден и бесплатен абортус.

„Повеќе од милион потписи не се само бројка – тие се милион гласови кои бараат Европа на еднаквост, солидарност и слобода,“ изјави Ника Ковач, координаторка на кампањата.

Таа додаде дека движењето започнало „во време на очај и безнадежност“, но прераснало во „најголемото феминистичко движење во Европа, изградено на добрина, сочувство и солидарност.“

Сведоштва од земји каде абортусот е забранет или ограничен

Бел де Јунг, новинарка и активистка од Малта, вели: „Во Малта жените мораат тајно да абортираат, дури и без да им кажат на најблиските. Грижата за сопственото здравје е кривично дело. Но, оваа иницијатива ја смени јавната дебата – повеќе луѓе сега разбираат дека ова не е прашање ’за’ или ’против’ абортус, туку прашање на избор, достоинство и безбедност.“

Познатата хрватска пејачка Северина, која е потписник и подржувач на иницијативата додава: Нашите мајки се бореа за ова право. Не сакаме идните генерации да имаат помалку права од нас. ЕУ се темели не само на слободен пазар, туку и на солидарност. Жените во земјите каде што абортусот е достапен ја покажаа таа солидарност со потписите.“

Од Словенија до Европа: Борба за основно човеково право

Идејата за иницијативата потекнува од Словенија, по поништувањето на пресудата Roe v. Wade во САД, кога милиони жени таму ги изгубија правата преку ноќ.

„Не сакаме тоа да се случи и во Европа,“ велат организаторите.

Движењето денес обединува повеќе од 200 организации – од здруженија на лекари и синдикати до еколошки и феминистички групи.

Време е ЕУ да премине од зборови на дела

Поднесувањето на иницијативата означува почеток на официјална постапка во институциите на ЕУ.
Прво, ќе се одржи состанок со Европската комисија, каде што ќе се бара создавање финансиски механизам за поддршка на земјите кои можат да обезбедат безбеден прекин на бременост за сите жени во Европа кои сè уште немаат пристап.

Во рок од шест месеци, Комисијата мора да одговори дали ќе предложи конкретен закон.

Иако претседателката Урсула фон дер Лајен уште во 2019 година вети поддршка за универзален пристап до сексуално и репродуктивно здравје, во последните шест години ЕУ не презеде реална акција.

„Ние, граѓаните на Европа, моравме да дејствуваме затоа што политичарите не дејствуваа,“ изјави Ника Ковач.
„Подобриот пристап до безбеден абортус не е идеолошко прашање – тоа е прашање на живот, здравје и еднаквост. Сега е време ЕУ конечно да премине од зборови на дела.“

Европа пред поделба: само пет земји целосно го декриминализирале абортусот

Иако од 2021 година дури 15 европски земји презеле чекори кон пошироко дозволување на абортусот, само пет членки на Европската унија отидоа чекор понатаму и целосно го декриминализираа. Според најновиот извештај European Abortion Policies Atlas 2025, на врвот се Шведска (94,6%), Франција (85,2%) и Холандија (80,3%), земји кои обезбедуваат највисоко ниво на заштита на правата на жените во оваа сфера.

Според истражувањето, високите оценки на овие земји се должат на нивната силна законска рамка, која го отстранува абортусот од кривичниот законик, на широката достапност на услугите, на државното здравствено покритие и на активната улога на владите во борбата против дезинформации.

На спротивниот крај на скалата се Малта со само 3,7% и Полска со 18,6%, каде што абортусот останува речиси целосно забранет и подложен на строги казни. Пристапот до клиничка нега таму е силно ограничен, а жените често се принудени да патуваат во други земји или да прибегнуваат кон небезбедни методи.

Генерално, земјите од северна и западна Европа се рангираат многу подобро од оние во источниот и јужниот дел на континентот, што го потврдува фактот дека пристапот до репродуктивни права и понатаму зависи од географијата и политиката.

Мали, но значајни напредоци

Од последното издание на Атласот во 2021 година, 15 земји направиле напредок во либерализацијата на абортусот. Франција, на пример, стана прва држава во светот што го вклучи правото на абортус во уставот, додека Луксембург и Холандија ги укинаа задолжителните периоди на чекање.

Во Данска, законската граница за прекин на бременост беше продолжена на 18 недели, а Литванија го легализираше медицинскиот абортус. Сепак, само Финска, Франција и Ирска дозволуваат телемедицинска грижа – односно пристап до абортус преку онлајн консултации и лекови.

И покрај препораките на Светската здравствена организација (СЗО), само пет земји — Данска, Естонија, Луксембург, Холандија и Шведска — го имаат целосно декриминализирано абортусот. „Ова не е идеолошко прашање или ‘феминистички каприц’, туку препорака што доаѓа директно од СЗО“, изјави Нил Дата, извршен директор на Европскиот форум за сексуални и репродуктивни права.

Регресија и нови закани

Покрај позитивните примери, се бележат и негативни трендови, особено во Италија, Малта и Словачка. Во овие земји се зголемува вознемирувањето на лекарите кои извршуваат абортуси, како и ширењето на државно поттикнати дезинформации. Во 2024 година, Италија дури усвои закон што им овозможува на „про-лајф“ групи пристап до клиники за абортус, што предизвика остри реакции во јавноста. Во Хрватска иако аборусот е дозволен, лекарите и медицинските сестри обиваат да го прават повикувајќи се на „приговор на совеста“ и многу жени се приморани да патуваат во соседна Словенија.

Од друга страна, само Шведска и Франција имаат активни програми за спротивставување на лажни информации поврзани со абортусот — пракса која останува исклучок во ЕУ.

Истражувањето, изработено во соработка со експерти и национални организации во 49 европски земји и територии, ја потврдува длабоката нерамнотежа во пристапот до абортус. Иако законите се менуваат, реалната достапност останува ограничена, особено во руралните подрачја каде што недостигаат медицински кадри и инфраструктура.

Во време кога дел од светот доживува рестрикции, европската сцена покажува дека репродуктивните права не се конечна победа, туку постојана борба. Сè додека абортусот е криминализиран во делови од континентот, правото на избор останува нееднакво – привилегија за некои, а невозможен избор за други.

Абортусот во Македонија

Во земјава правото на прекин на бременоста е уредено со Законот за абортус од 2019 година. Овој закон овозможува жените да ја прекинат бременоста до деветтата гестациска недела со медикаментозен метод, кој може да се спроведе во здравствена установа од примарна здравствена заштита. Жената самостојно одлучува за прекин на бременоста до истекот на дванаесеттата недела, под услов тоа да го потврди со писмена согласност. Доколку станува збор за малолетна или жена со одземена деловна способност, потребна е согласност од родител или старател.

По дванаесеттата недела, абортус може да се изврши само доколку постојат медицински причини – кога бременоста може да го загрози животот или здравјето на жената, или кога се очекува дека плодот ќе се роди со сериозни физички или психички аномалии. Дополнително, се земаат предвид и случаи на бременост поради кривично дело, како силување или обљуба врз немоќно лице, како и ситуации кога продолжување на бременоста би предизвикало сериозни психолошки или социјални последици за жената.

По навршени 22 гестациски недели, за одобрување на прекин на бременоста одлучува специјална комисија составена од двајца гинеколози и еден социјален работник. Доколку жената не се согласува со нивната одлука, има право да поднесе приговор до второстепена комисија во која членуваат гинеколози, детски хирург, психолог и експерт за родова еднаквост.

Од 2020 година наваму, сè поголем број жени во Македонија се одлучуваат за медикаментозен абортус, бидејќи овој метод се смета за побезбеден и помалку инвазивен од хируршкиот. Според податоците од 2021 година на Клиниката за гинекологија и акушерство, околу 70% од жените кои побарале абортус избрале прекин со лекови. Сепак, иако овој метод е во широка употреба во земјите од Европската Унија – каде што дури 80% од абортусите се изведуваат на овој начин – лековите во Македонија сè уште не се регистрирани. Тие се увезуваат преку интервентен увоз, најчесто од Индија, поради ограничениот пазар и административните пречки.

Во моментов медикаментозниот абортус е достапен само на Клиниката за гинекологија и акушерство и во Гинекологија Чаир. Ова создава нерамноправност, бидејќи жените надвор од Скопје немаат реална можност да изберат метод за прекин на бременоста. Иако законот дозволува и гинеколозите од примарното здравство да го изведуваат медикаментозниот абортус, не постојат јасни критериуми и стандарди за тоа, што создава правна несигурност. Дел од матичните гинеколози сметаат дека не треба дополнително акредитирање, бидејќи веќе поседуваат специјализација за оваа област.

Лани на Клиниката за гинекологија биле извршени околу 1.285 медикаментозни абортуси, што претставува околу 95% од сите абортуси на оваа установа. На државно ниво, од вкупно 2.207 абортуси, само 36% биле со таблети.

Организациите за заштита на женските права, како ХЕРА и Платформата за родова еднаквост, бараат регистрација на лековите и нивна достапност во сите региони на земјата.

Историски гледано, правото на абортус во Македонија претрпело сериозни ограничувања. Во 2013 година, тогашната влада на ВМРО-ДПМНЕ го ограничи пристапот до абортус, што предизвика силни реакции во јавноста. Дури во март 2019 година, со новиот закон донесен од владата на СДСМ, ова основно репродуктивно право беше целосно обновено.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни