Гренланд се наоѓа пред историска одлука за својата иднина. Додека ги избира своите нови законодавни тела, се водат расправи за тоа дали треба да остане дел од Данска, да стане независна држава или да се сврти кон соработка со големите сили како САД и ЕУ. Иако многумина сакаат независност, нема согласност за тоа што таа точно значи.
Гренланѓаните денес ќе газат низ снегот и мразот за да излезат на избори кои би можеле да бидат едни од најважните во историјата на Арктичкиот остров, најголемиот на светот, пишува Политико.
Во средина на повторените закани од американскиот претседател Доналд Трамп дека ќе го преземе Гренланд, избирачите на оваа автономна данска територија избираат 31 член на своето законодавно тело, Инатсартут, како што го прават тоа секои четири години.
Овој пат се работи за егзистенцијални прашања — иднината на Гренланд во светот, вклучувајќи ја дилемата дали да остане дел од Данска, да бара независност или да се сврти кон поблиски врски со големите сили како САД и Европа.
„Политичарите не се јасни што навистина значи независност“, изјави Масана Егеде, главен уредник на гренландскиот дневник Сермициак, на видео-конференција со новинари од целиот свет минатата недела.
„Дали тоа е економска независност? Само чувство на независност? Или воспоставување на свои граници?“, праша Егеде. „Многу зборуваме за тоа бидејќи тоа буди емоции кај нас. Сите сакаме независност, но секој има своја дефиниција за тоа“, додаде тој.
Егеде, инаку полубрат на премиерот на Гренланд, Мутеа Егедеа, појасни дека постојат 32 области во кои Данска сè уште донесува одлуки за Гренланд.
„Ако ги преземеме една по една област секоја година, се уште би ни требале 32 години да станеме навистина независни“, вели тој.
Во моментов, најсилната партија во парламентот е Инуитската партија Атагкит, или „Заедница на народите“, која владее во коалиција со партијата Сиумут („Напред“). Двете партии се залагаат за независност и ветиле референдум за одвојување од Данска, но не навеле кога тоа би можело да се случи.
Според договорот со Данска од 2009, Гренланд има право да прогласи независност, но само по референдум. Иако постои широка поддршка за полн суверенитет, многумина се неизвесни што тоа би значело за одбраната и економијата на островот.
Гренланд, со површина од над 2 милиони квадратни километри, е богат со природни ресурси, но има само околу 60.000 жители. Затоа Доналд Трамп рече дека неговото преземање било „апсолутна потреба“ и не ја исклучи примена на воена или економска сила.
Минатата недела тој изјави дека САД „на овој или оној начин“ ќе го добијат Гренланд, земајќи ги предвид заканите од Кина и Русија кои се повеќе се насочуваат кон Арктикот. Меѓутоа, независноста би значела за Гренланд губење на годишната данска субвенција од 500 милиони долари, со која се финансира скандинавскиот социјален систем, како и средства од ЕУ (иако Гренланд не е член на ЕУ).
И покрај тоа, антиколонијални чувствата се силни. Премиерот Егеде во новогодишното обраќање рече дека „е време да го преземеме следниот чекор за нашата земја“ и да се ослободиме од „оковите на колонијалната ера“.
Парламентот претходно ги отфрлил рударските проекти поддржани од ЕУ, бидејќи наоѓалиштата на ретки метали се наоѓаат покрај изворите на ураниум, а прашањето за рударење ураниум доминираше на изборите во 2021, по што Атагкит победи и го забрани копањето ураниум, што и денес продолжува.
Сепак, овој пат рударството и теми како туризам и поморство не беа главни теми на кампањата. „Прашањето за независноста зазеде толку многу простор“, вели уредникот Егеде, што ја потисна расправата за економијата на Гренланд, која инаку би била клучна за изборите.
Додека Трамп ветува дека ќе го направи Гренланд „богат“, 85% од Гренланѓаните се против идејата да станат дел од САД, според анкета од јануари.
Без разлика на исходот од изборите, одлуката на Гренланѓаните ќе има пошироки последици, кои ќе „одекнуваат далеку од ледениот брег“ на овој остров.