Историски бран банкроти во Германија: над 4.500 компании во стечај во првоиот квартал на 2026

Германија бележи највисоко ниво на корпоративни банкроти во последните повеќе од 20 години. Во првиот квартал од 2026 година, над 4.500 компании прогласија несолвентност, со најголем удар врз градежниот и малопродажниот сектор.

Германската економија се соочува со еден од најсериозните бранови на корпоративни банкроти во последните децении, при што бројките од првиот квартал на 2026 година покажуваат јасен знак на продлабочување на економскиот притисок.

Според податоци на Институтот за економски истражувања во Хале (IWH), во периодот од јануари до март над 4.573 компании во Германија прогласиле несолвентност, што претставува највисоко ниво во повеќе од 20 години.

Овој тренд ја надминува и ситуацијата од финансиската криза во 2009 година, а последен пат слично високи бројки се забележани во 2005 година. Економистите предупредуваат дека ова не е изолиран шок, туку дел од поширока структурна нестабилност во дел од европската економија.

Особено загрижувачки е фактот што само во март е забележан скок од 71% во однос на просекот за истиот месец во предпандемискиот период. Овој нагол пораст укажува на забрзување на кризата, наместо на нејзино стабилизирање.

Најпогодени се малите и средни претпријатија, особено во градежниот сектор и малопродажбата, каде се регистрирани рекордни нивоа на банкроти. Иако бројот на погодени работници е релативно помал во споредба со претходни кризни периоди, ефектот врз локалните економии е значаен.

Економските аналитичари од IWH предупредуваат дека во следниот квартал не се очекува подобрување. Напротив, индикаторите укажуваат дека високиот број на банкроти би можел да продолжи или дури и да се повтори на мартовските нивоа.

Овој бран на несолвентност дополнително ја отвора дебатата за отпорноста на германската економија во услови на енергетска нестабилност, високи трошоци и глобални геополитички тензии кои сè повеќе се одразуваат врз европскиот деловен сектор.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни