Историска пресуда во САД: Мета и Гугл виновни за штета врз менталното здравје на млада девојка

Поротата во Лос Анџелес ги прогласи Мета и Гугл за одговорни за штетата од социјалните мрежи врз менталното здравје на 20-годишна девојка. Доделена е отштета од 3 милиони долари.

Во Лос Анџелес, порота донесе историска пресуда со која технолошките гиганти Meta Platforms и Google (вклучително и платформата YouTube) беа прогласени за одговорни за штетата што нивните социјални мрежи ја предизвикале кај корисници, особено млади, пренесува Reuters.

Тужбата ја поднела 20-годишна девојка позната по иницијалите КГМ, која тврдела дека станала зависна од Instagram и YouTube уште од рана возраст, поради, како што навела, намерно дизајнирани функции што создаваат зависност. Таа истакнала дека тоа имало сериозни последици врз нејзиното ментално здравје.

Поротата утврдила дека двете компании постапиле небрежно во дизајнот на своите платформи и не ги предупредиле доволно корисниците за ризиците од нивната употреба.

На тужителката ѝ се доделени три милиони долари отштета, додека дополнителните казнени (пунитивни) отштети ќе бидат утврдени дополнително, што може значително да ја зголеми вкупната сума.

Овој случај се смета за прв од илјадниците слични тужби покренати низ Соединетите Американски Држави, кои се однесуваат на наводната одговорност на платформите за штетните ефекти од нивните производи.

Meta Platforms во соопштение изрази несогласување со пресудата и најави можни правни чекори, додека Google засега не ја коментираше одлуката.

Оваа пресуда доаѓа во време на зголемен притисок од регулаторите и обвинителите врз големите технолошки компании да преземат поголема одговорност за влијанието на нивните производи врз младите, во услови на бројни судски процеси низ земјата.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни