Историска пресуда: Ова е првиот град во Европа што го забранува рекламирањето на фосилни горива

„Општите здравствени интереси на граѓаните се повредни од комерцијалните интереси на огласувачите“, рече судот во Хаг, донесувајќи историска одлука за забрана на рекламирање на фосилни горива.

Холандскиот суд ја потврди забраната за рекламирање на фосилни горива во Хаг, во она што активистите го нарекуваат „историска одлука“ што би можела да ги охрабри другите градови да преземат слични мерки.

Со одлука донесена минатиот септември, Хаг стана првиот град во светот што законски забрани рекламирање на производи и услуги поврзани со фосилни горива, вклучувајќи автомобили на бензин, авионски патувања и крстарења.

Забраната стапи на сила на 1 јануари, но ANVR – холандското здружение на туристички агенции – и туристичката компанија TUI поднесоа тужби против одлуката, обидувајќи се да ја поништат.

Окружниот суд во Хаг пресуди во корист на градот во петок, 25 април – првпат суд да разгледа и потврди таква забрана за локално рекламирање.

„Ова е пробив за забраната за рекламирање на фосилни горива, како и за здравјето на луѓето и планетата“, рече Фемке Слегерс од Reclame Fossielvrij (Рекламирање без фосилни горива).

Како што додаде таа, сега градовите низ целиот свет „можат да ги исчистат своите улици“ од реклами што ја поттикнуваат климатската криза.

„Исто како што политиките против пушењето не функционираат кога рекламите за тутун се насекаде околу нас, така и климатската политика не може да биде ефикасна кога производите базирани на фосилни горива се промовираат на секој чекор“, додаде таа.

Зошто судот ја потврди забраната за рекламирање на фосилни горива?

Во текот на прелиминарната постапка, судијата ги отфрли сите приговори на забраната.

Здружението ANVR и компанијата TUI тврдеа дека мерката го крши правото на слобода на говор и слобода на претприемништво. Тие, исто така, го оспорија тврдењето дека забраната ќе придонесе за намалување на емисиите на штетни гасови и посочија дека градската администрација нема овластување да воведува такви мерки.

Активистите се надеваат дека пресудата ќе предизвика верижна реакција во другите градови.

Пресудата од минатата недела дополнително го зацврсти преседанот што политичарите, експертите и климатските активисти сакаат да го видат во други области.

„Оваа судска одлука е пресвртница. Таа покажува дека општините не се немоќни, туку имаат алатки за борба против климатската криза“, рече Роберт Баркер, заменик-градоначалник на Хаг од Партијата на животните.

Тој нагласи дека би било одлично кога многу градови низ целиот свет би го следеле овој пример и би придонеле за подобра и поодржлива иднина.

Џонатан Вајт, адвокат од организацијата за заштита на животната средина „КлајентЕрт“, дели слично мислење.

„Градовите низ целиот свет би биле мудри ако ги следат стапките на Хаг и воведат слични закони, со цел да започнат ера на намалена зависност од фосилни горива – со ветер во опашката што оваа пресуда сигурно ја носи“, рече тој.

Генералниот секретар на Обединетите нации, Антонио Гутереш, претходно повика на глобална забрана за рекламирање на фосилни горива по примерот на забраната за рекламирање на тутун, нарекувајќи ги нафтените компании „кумови на климатскиот хаос“.

Во 2022 година, Франција стана првата земја што ги забрани рекламите за фосилни горива, иако во многу поблага форма – сè уште дозволувајќи реклами за природен гас и спонзорства на настани.

Како и Хаг, други градови и општини воведоа мерки за забрана на рекламирање на нафта, гас и јаглен.

Така, на пример, рекламите за фосилни горива на одредени локации – вклучително и јавниот превоз – се забранети во Амстердам од 2021 година.

Минатата година, Градскиот совет на Единбург одлучи да забрани рекламирање на производи со висок јаглероден отпечаток на простори во сопственост на градот, како што се билборди и станици за јавен превоз.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни