Историска одлука на Меѓународниот суд на правдата: Државите може да поднесуваат тужби за климатски промени

Меѓународниот суд на правдата (ICJ) во Хаг донесе историско советодавно мислење кое може радикално да го промени глобалниот правен систем во борбата против климатските промени.

Според мислењето, државите можат меѓусебно да покренуваат постапки и да бараат отштета за штетите предизвикани од климатските промени, вклучително и за емисиите на стакленички гасови од минатото, објави BBC.

Иако ова мислење нема обврзувачка правна сила, правните експерти предупредуваат дека станува збор за преседан со сериозни последици, особено за економски развиените земји кои историски се меѓу најголемите загадувачи на животната средина.

Малите островски држави изборија правен преседан

Иницијативата за ова советодавно мислење започнала уште во 2019 година, поттикната од група млади правници од пацифичките острови, чии држави веќе се соочуваат со последици од зголемено ниво на морето, уништена инфраструктура и разорни временски непогоди.

„Вечерва ќе спијам мирно. Судот го призна тоа низ што поминавме – нашето страдање, нашата отпорност и нашето право на иднина“, изјави Флора Вано од државата Вануату, една од најзагрозените од климатските промени. Таа додаде: „Ова не е победа само за нас, туку за секоја заедница која се обидува да биде слушната.“

Судот ги отфрли аргументите на земји како Обединетото Кралство, кои тврдеа дека постоечките климатски договори, како Парискиот од 2015 година, се доволни и дека не се потребни нови правни обврски.

Обврската важи и за држави надвор од Парискиот договор

Судијата Јуџи Ивасава појасни дека државите имаат јасна меѓународна обврска да го заштитуваат животната средина. „Недонесувањето на најамбициозни можни планови за борба со климатските промени претставува прекршување на обврските од Парискиот договор“, изјави тој.

Дополнително, судот утврди дека оваа обврска важи и за држави кои не се потписнички на Парискиот договор или кои сакаат да се повлечат од него. Според ICJ, сите земји имаат должност да го заштитуваат климатскиот систем, без разлика на нивното формално учество во меѓународните договори.

Развиените земји би можеле да се соочат со тужби и отштети

Според судот, земјите во развој имаат право да побараат финансиска компензација за штетите предизвикани од климатските промени, како уништена инфраструктура и објекти. Клучниот услов ќе биде да се докаже дека токму климатските промени биле директен причинител на штетата, што ќе се оценува индивидуално за секој случај.

Иако засега не е јасно колкави би можеле да бидат отштетите, истражување објавено во списанието Nature покажува дека меѓу 2000 и 2019 година, глобалната штета од климатските промени изнесувала околу 2,8 трилиони долари – или 16 милиони долари на час.

„Судот испрати недвосмислена порака – оние што страдаат поради климатската катастрофа имаат право на правна заштита, вклучително и финансиска компензација“, изјави Џои Чоудхури од Центарот за меѓународно право за заштита на животната средина.

Иако советодавно, ваквото мислење може да има правна тежина. Пример за тоа е случајот со архипелагот Чагос, кога Велика Британија го врати територијалниот суверенитет на Маврициус по слично мислење на ICJ.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни