Како што раскажаа тројца кардинали кои ја следеле ситуацијата, било јасно дека Превост разбира што се случува: бил на прагот да стане 267-от поглавар на Католичката црква, со 1,4 милијарди верници ширум светот.
До попладнето сè било готово. Превост добил 89 гласови – точно две третини од 133 кардинали со право на глас. Следел аплауз од кардиналите во црвени одежди. Превост, со затворени очи, станал и со блага насмевка го прифатил историскиот момент. „Не можам ни да замислам како се чувствува човек кога ќе се соочи со таков момент“, изјавил кардиналот Џозеф Тобин, надбискуп од Њуарк.
Првиот американски папа
Изборот на првиот американски папа ги изненадил собраните на плоштадот Свети Петар, ги шокирал обложувалниците и го разнел уверувањето дека Католичката црква никогаш нема да ја довери највисоката функција на државјанин на глобална сила како САД.
Но до четвртокот, 69-годишниот Превост станал логичен избор за кардиналите собрани во Сикстинската капела. Неделаве барале наследник кој ќе ја продолжи визијата на покојниот папа Франциско – Црква отворена, понизна и чувствителна кон маргинализираните – но со поголемо почитување кон црковната традиција и со подобри управувачки способности за водење на финансиски оптоварениот Ватикан.
Уште пред почетокот на конклавата, широка група кардинали – разнолика по географија и уверувања – во Превост препознала кандидат кој ги исполнува сите клучни услови. Иако Американец, Превост со децении служел како бискуп во Перу и многумина го опишувале како „градски граѓанин на светот“. Имал богато мисионерско искуство, бил гласен борец за сиромашните и потиснатите. Работел во центарот на Ватикан, но не доволно долго за да го следат поголеми афери.
Паролин не успеа да ја убеди новата Црква
Спротивно на него, кардиналот Паролин бил искусен ватикански дипломат, со години државен секретар и еден од најблиските соработници на папата Франциско. Бил фаворит – и надеж на многу Италијани дека папството, по повеќе од 40 години, конечно ќе се врати кај нивниот сонародник. Но, како што вели познатата италијанска поговорка: „Кој влегува во конклавата како папа, излегува како кардинал.“
Папата Франциско почина на Велигденски понеделник по компликации со белите дробови. Кардинали од целиот свет почнаа да пристигнуваат во Рим на погребот и предконклавните разговори. Во тие моменти, Паролин сè уште имал предност. „Беше најпознат меѓу нас“, рекол шпанскиот кардинал Кристобал Лопез Ромеро. „Но тоа не беше доволно.“
Кардиналите што пристигнале во Рим ја претставувале новата, разнолика Црква каква што ја замислувал Франциско – доаѓале од 70 земји, зборувале десетици јазици, биле од различни култури и искуства. Англискиот сè почесто бил заеднички јазик. Европејците со Африканците разговарале за вештачка интелигенција и експлоатација на ресурси, Латиноамериканците за миграции, а кардиналот од Монголија зборувал за миси среде номадски шатори.
И покрај сè, Италија имала најмногу кардинали, и многумина сакале по три „странски“ папи – Полјак, Германец и Аргентинец – титулата повторно да се врати во Италија. Паролин, родум од близина на Венеција, бил логичен избор. Но, иако дипломат од врвна класа, немал она што многумина го барале – пасторално присуство меѓу народот.
Од друга страна, кардиналите од Латинска Америка веќе го сметале Превост за „свој“, а и многу други сакале да ја задржат синодалноста – идејата на Франциско за Црква која слуша и размислува низ дијалог. Ден по погребот на Франциско, Паролин предводел миса, но во беседата не ја споменал синодалноста. „Тоа беше многу симболично“, рекол кардиналот Мајкл Черни.
Тактика и пресврт во последен момент
Името на Превост сè почесто се спомнувало на вечери и во кулоари. Кардиналот Тимоти Долан се присетил како Италијаните го прашувале: „Го познаваш ли тој Роберт?“ За време на говорите за предизвиците пред Црквата – од сексуални скандали до финансиска криза – сè повеќе кардинали заклучувале дека им треба некој кој знае да управува.
Кардиналот Тобин му рекол: „Бобе, можеби ќе бидеш предложен. Размисли за тоа.“
Ден пред конклавата Превост одржал говор во кој ја пофалил синодалноста. „Тоа е соработка“, рекол, што многумина го дочекале со одобрување. Во среда, кардиналите влегле во Сикстинската капела, дале заклетва и ги предале мобилните телефони. Капелата била затворена, изолирана од светот. Противниците на Паролин веќе имале тактика – во првиот круг гласовите ги поделиле на повеќе имиња за да го тестираат теренот, пишува Wall Street Journal.
По предолгата воведна беседа, првиот круг го поставил Паролин на врвот со повеќе од 40 гласови, но далеку од потребното мнозинство. Во четврток наутро, неговите гласови стагнирале, додека Превост го стигнувал. За време на ручекот – со тестенини, стек и калкулации – сè било појасно. „За време на ручекот сè се искристализира“, рекол кардиналот Блејз Купич.
Превост седел на истото место каде што во 2013 година седел кардинал Бергољо кога станал папа Франциско. Следното гласање му донело повеќе од 100 гласови.
Како највисок по ранг, Паролин му пристапил и на латински го прашал:
„Дали го прифаќате изборот за врховен свештеник?“
„Го прифаќам“, одговорил Превост.
„Кое име ќе го земете?“
„Лав“, рекол.
Паролин прв му го бакнал прстенот. „Паролин е господин“, рекол кардиналот Вилијам Го од Сингапур.
Новиот папа Лав влегол во Соба на солзите, каде новиот поглавар првпат ја облекува белата одежда. Ливчињата биле запалени. Белиот чад почнал да излегува од оџакот над капелата. Плоштадот Свети Петар експлодирал од воодушевување, а знамиња од целиот свет се вееле додека светот го дознавал името на новиот папа.
Две постари Италијанки на работ на плоштадот погледнале во своите мобилни телефони. Едната тивко рекла: „Американец…“ Втората збунето ја погледнала: „Американец?“