„Истокот е сè уште можен“: Скопје и Љубљана отвораат ново поглавје на уметничка солидарност

Интернационална групна изложба со дела од колекциите на МСУ – Скопје и МГ+МСУМ – Љубљана, отворање на 13 ноември во 20 часот.

Во четврток, 13 ноември во 20:00 часот, во Музејот на современата уметност – Скопје (МСУ) ќе биде отворена големата интернационална групна изложба „Истокот е сè уште можен“, како резултат на продолжената соработка со Модерна галерија и Музејот на современа уметност Метелкова (МГ+МСУМ) од Љубљана.

На изложбата застапени повеќе од 50 автори, меѓу кои Марина Абрамовиќ, Јозеф Бојс, Лајбах, Гета Братеску, Христина Иваноска, Ахмет Огут, Недко Солаков, ОПА, Ирена Паскали, Раша Тодосијевиќ, Младен Стилиновиќ, Душан Перчинков и други уметници кои го обликувале современиот источноевропски културен пејзаж.

Кураторите Бојана Пишкур, Мартина Вовк, Ивана Васева, Благоја Варшанец, Ива Димовски и Владимир Јанчевски го градат концептот врз идејата дека уметноста од Истокот не е маргина, туку епистемолошка алатка што го преиспитува светот по војните, транзициите и падот на идеологиите.

Изложбата се состои од два поврзани сегмента:

  • „Покажи ми ги твоите рани (регенерација)“, кој ги истражува телото, јазикот и иронијата како стратегии на отпор.
  • „Нова реалност како артефакт на трансформација“, кој ја анализира меморијата, документот и утопијата како простор за општествени алтернативи.

Како што истакнуваат кураторите, изложбата ја отвора темата за тоа дали „источноевропската уметност“ и понатаму постои како поим, или веќе станала глобален јазик на критичко размислување и општествена имагинација.

Проектот ја продолжува заедничката иницијатива што започна со изложбата „Ткаење светови: Колекции во разговор“, одржана во февруари годинава во Љубљана.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни