Сепак, најавата предизвика остри реакции, откако беше посочено дека дел од документите нема да бидат објавени веднаш, поради, како што беше наведено, заштита на жртвите.
„Денес ќе објавиме неколку стотици илјади документи, во различни форми, фотографии и други материјали поврзани со сите истраги за господинот Епстин“, изјави Бланш.
Тој нагласи дека заштитата на жртвите е клучен приоритет во целиот процес. „Најважното нешто, за кое зборуваа и државната обвинителка Пам Бонди и директорот на ФБИ, Каш Пател, е заштитата на жртвите. Затоа внимателно го прегледуваме секој документ што ќе биде објавен, за да се осигураме дека идентитетот, имињата и приказните на жртвите се целосно заштитени“, рече Бланш.
Тој додаде дека се очекува дополнителни документи да бидат објавени во наредните недели. „Денес неколку стотици илјади, а потоа во следните неколку недели – уште неколку стотици илјади“, изјави заменик-обвинителот.
Остри критики поради одложувањето
Одлуката сите документи да не бидат објавени одеднаш предизвика бран критики. Лидерот на малцинството во американскиот Сенат, Чак Шумер, остро го осуди планот на Министерството за правда.
„Законот што го донесе Конгресот и што го потпиша претседателот Трамп беше кристално јасен – администрацијата имаше 30 дена да ги објави СИТЕ документи поврзани со Епстин, а не само дел од нив“, изјави Шумер.
Тој оцени дека непочитувањето на рокот претставува кршење на законот и обвини дека Министерството за правда, Доналд Трамп и Пам Бонди се обидуваат да ја сокријат вистината.
Шумер најави дека демократските сенатори соработуваат со адвокатите на жртвите за да утврдат кои документи се задржуваат. „Нема да застанеме додека целата вистина не излезе на виделина“, порача тој.
Слична реакција дојде и од републиканскиот пратеник Томас Маси, еден од авторите на Законот за транспарентност на документите за Епстин. Тој на социјалната мрежа Икс објави фотографија од текстот на законот, потенцирајќи го делот што наложува објава на „сите“ документи во рок од 30 дена, со порака: „Рокот истече. Објавете ги документите“.
Извор: Index.hr