Истекле 82 илјади литри нафта при товарење на брод во Нови Сад, можно е нафтата да се излила во Дунав

Фото: Jovancavic, CC BY-SA 4.0, via Wikimedia Commons

На 21 април во раните утрински часови, при префрлување на нафта од Рафинеријата за нафта Панчево во цистерна на компанијата „Нафтахем“ од Нови Сад, се излеале околу 82.000 литри нафта во заштитната бариера околу бродот, а потенцијално и во реката Дунав. Основното јавно обвинителство (ОЈО) во Панчево соопшти дека тоа е утврдено со увид извршен на самото место.

Дежурниот јавен обвинител веднаш по добивањето на информацијата излегол на терен и заедно со припадници на Полициската управа Панчево, во присуство на покраински инспектори за заштита на животната средина, републички инспектори за безбедност на пловидба, како и инспектор за транспорт на опасни материи, извршил увид на местото на настанот.

Со увидот е утврдено дека на 20 април, на пристаништето број три во рамки на Рафинеријата за нафта Панчево, се прикотвила баржата сопственост на „Нафтахем“. Наредниот ден, во периодот од 7:02 до 7:35 часот, при префрлање нафта од рафинеријата во баржата, дошло до излевање на значителна количина нафта во заштитната бариера, а можно и во реката Дунав.

Заводот за јавно здравје зел примероци од водата околу баржата, како и на делот наречен „Миље“ на Дунав, со цел да се утврди степенот на загадување. ОЈО Панчево, во соработка со полицијата и надлежните инспекторати, ќе преземе дополнителни мерки и активности за целосно расветлување на причините за овој еколошки инцидент.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни