Instagram го воведе копчето „дислајк“ на својата платформа. Нова функција се однесува исклучиво на коментарите, а некои корисници можат да ја пробаат веднаш. Меѓутоа, не и сите затоа што сè уште е во фаза на тестирање.
Популарната платформа со новото копче сака да им понуди на корисниците можност да изразат негативно мислење за одредени коментари под објави и reels. Во зависност од бројот на „лајкови“ и „дислајкови“, коментарите ќе бидат повеќе или помалку рангирани во иднина.
Иако ќе влијае на рангирањето, Instagram нема да прикажува број на „дислајкови“, ниту ќе известува други дека не им се допаѓа нивниот коментар.
Како ќе функционира новата функција објасни првиот човек на Instagram, Адам Мосери:
„Сакам да бидам јасен – ова е тест, бројот на ‘„дислајкови“ нема да биде прикажан, ниту ќе знае некој кога ќе го допрете копчето. Со тек на време, ќе го интегрираме овој сигнал во рангирањето на коментарите, со цел да ги спуштиме непопуларните коментари пониско.“
Идејата зад копчето „дислајк“ е да се подобри квалитетот на коментарите на платформата.
„Се надеваме дека ова ќе помогне коментарите на Instagram да бидат попријателски настроени,“ вели Адам Мосери.