Редакцијата на Tрн.мк ја информира јавноста дека во текстот објавен на нашиот портал,со наслов „Без притвор за професорот од „Лазар Личеноски” – одземен пасош, забрана за приближување до ученичката во кој се обработува случај поврзан со наводи за кривично дело „полово вознемирување“, беше објавен идентитетот на лице против кое се води истражна постапка.
Со оваа објава, редакцијата направи пропуст во почитувањето на начелото на пресумпција на невиност, имајќи предвид дека станува збор за постапка која е сè уште во фаза на истрага, без поднесено обвинение и без правосилна судска одлука.
Во согласност со законските одредби и професионалните новинарски стандарди, текстот е коригиран и личните податоци се анонимизирани, со цел да се заштити идентитетот на лицето.
Редакцијата упатува јавно извинување за евентуалната повреда на правото на приватност, чест и углед на засегнатото лице, како и за непочитувањето на принципот на претпоставка на невиност.
Остануваме посветени на почитување на етичките стандарди во новинарството и на точно и одговорно информирање на јавноста.
Во прилог во целост го објавуваме следниот одговор доставен од полномошникот на засегнатото лице:
„Во својство на полномошник/бранител на г-дин Сокољ Цфарку, редовен професор во ДСУЛУД „Лазар Личеноски“ – Скопје, Ви се обраќам во врска со текстот објавен на Вашиот интернет портал, во кој се изнесуваат информации за истражна постапка која се води против мојот клиент.
Во предметниот текст е објавено целосното име и презиме на мојот клиент, со што, според нашето мислење, се повредени неговите загарантирани права, нанесена е штета на неговата чест и углед и е прекршено начелото на пресумпција на невиност.
Имајќи предвид дека станува збор за истражна постапка, без поднесен обвинителен предлог и без правосилна судска пресуда, објавувањето на идентитетот претставува предвремено и неосновано изложување на јавна осуда.
Сметаме дека со ваквото постапување се постапува спротивно на Законот за заштита на личните податоци, Законот за медиуми и Законот за граѓанска одговорност за навреда и клевета.
Согласно член 21 од Законот за заштита на личните податоци, мојот клиент има право да побара бришење на неговите лични податоци, додека согласно Законот за медиуми има право на исправка и одговор на објавената информација.
Воедно, со поврзувањето на неговото име со ваков контекст, се повредува неговата чест и углед.
Поради тоа, бараме:
– да се изврши исправка на текстот со анонимизација на личните податоци;
– да се објави јавно извинување;
– да се објави овој одговор во целост, без измени и дополнувања.
Во спротивно, ќе бидат преземени соодветни правни дејствија за заштита на правата на мојот клиент.“
Редакцијата го објавува овој одговор во согласност со Законот за медиуми.