Следејќи ги студентските протести во Србија, како студентка и млад човек и сеќавајќи се на пленумските денови во Македонија, чувствувам потреба оваа неделна колумна да биде експлицитна поддршка на пламенот, на бунтот кај младите од Белград и Нови Сад кој се шири низ целата држава. Овој неверојатен елан и храброст на српските студенти уште еднаш покажува дека политичкиот активизам не смее да бега од универзитетите и дека не постои поревносна и полута сила која може да се крене против апатијата, криминалот, неправдите во општеството како што тоа може да го иницираат студентите. Покажува дека времето за акција доаѓа секогаш кога најмалку го очекуваме, но и дека прогресивната сила нема да ја запре ништо, доколку одлучно тргне во мобилизација на сите свои капацитети. Исто така, покажува дека образованието за среќа нема да може ни во овие времиња да се изолира од фундаменталните човечки вредности, колку и да му одговара ова на некому.
Иако она што нашите колеги во моментов го прават во Србија не ни е нешто непознато, сепак, од исклучителна важност е да кренеме рака во знак на поддршка, да зборуваме и пишуваме за нив, колку што можеме повеќе. Да се биде граѓанин кој делува, кој размислува и сонува за подобро општество на кое директно се вклучува, не е само синтагма која треба филозофски да се промисли, туку директно да се аплицира. Моменталните политички околности во Србија и огромната трагедија која го поттикна насобраниот бес кој сега се излева, укажуваат на тоа дека не е точно дека струјата на младите во овие региони е целосно во апатија и незаинтересирана. Затоа и ова што го прават, мене, како студентка во Македонија толку многу ми значи и ме потсетува дека ништо не е изгубено за идна граѓанска мобилизација овде и покрај чувството дека често контекстот ни се лизга од раце.
Нешто кое може да се научи од живеењето на Балканот е дека бунтот и активното делување доаѓаат во бранови, специфично испровоцирани, но тогаш кога ќе се појават играат клучна улога во позицијата на времето во кое ги има и тоа никој не може да го оспори. Можеме да зборуваме многу за тоа што македонското искуство било и значи во овој контекст, но важноста да се потпреме на тоа дека толку блиску до нас одново се појави тој жар и бунт, крик кој јасно вреска дека ништо не е како што треба, ме тера да се чувствувам малку похрабро и понадежно од кога било периодов.
Важно е да ја изразиме поддршката на нашите колеги, токму поради солидаризирањето со контекстот, проблемите, политичкиот ужас и трагично загубените животи од кои овие протести жестоко тргнаа напред. Заради тоа што ја разбираат важноста на секој човечки живот, поради секој загинат, но и поради иднината на сите други кои се тука и имаат должност и одговорност да се бунат, да протестираат и да го критикуваат сето она кое толку упорно се обидува да ги загуши. И наспроти смешните коментари од малку поединци дека на политиката и идеологијата не им е време на факултетите, сликата на улиците и поддршката таму го говори токму спротивното, зборува токму за долгогодишната потреба тоа да се случи, за да почнеме повторно да размислуваме за некакво помрднување, за темелни општествени промени.
Многу долго на овие простори се нормализира и се прифаќа она што никогаш не смеело. Достоинството, слободата и заедништвото се претворени во трагедии, а можноста да се живее нормално во својата земја – мит. Стравот е императив, а автентичниот живот на маргините. Чекаме, трпиме многу и се повеќе се оддалечуваме од она што општеството за сите треба да биде. Во оваа смисла, масовната регионална поддршка за српските студенти е неопходна, како акт на солидаризација, поддршка и потсетување каде е нашата моќ и колку е важна, но и поради шансата да замислиме дека на овие простори може да ни биде подобро.
Ова се историски моменти за студентите во Србија, како и за севкупниот активизам на овие простори, кога секоја искра ни е потребна толку многу, за да кренеме глава и да се потсетиме дека сепак, после сè, светлина од некаде мора да дојде. И неа надежно ќе ја повикаат колегите кои застануваат по 15 минути за да оддадат почит на загинатите, оние кои го искористија бесот и лутината за поттикнување граѓанска мобилизација од која нема враќање. Многу сакам да верувам дека главните испити на факултетите, сега ги полагаат токму на улиците, затоа што без солидарноста, правдата и слободата ниту еден семестар нема смисла. Само напред колеги во држењето лекции за универзитетско достоинство, оваа никој нема да ја заборави.