Исландските жени одбележуваат 50 години од историскиот протест

Половина век по „Денот кога жените престанаа да работат“, жените во Исланд повторно излегуваат на улиците – како потсетник дека борбата за вистинска родова еднаквост сè уште не е завршена.

На 24 октомври 2025 година, жените и небинарните лица ширум Исланд се повикани да стапат во штрајк, како дел од одбележувањето на 50-годишнината од легендарниот „Женски ден слободен“ – масовниот протест од 1975 година кога околу 90 проценти од жените во земјата престанаа да работат, готват и да се грижат за домаќинството, во знак на отпор против родовата нееднаквост и потценетата женска работа.

На тој ден, јавниот живот во Исланд беше речиси парализиран – училиштата беа затворени, продавниците и телекомуникациските служби работеа со прекин, а улиците на Рејкјавик беа исполнети со повеќе од 25 000 жени кои бараа рамноправност во платите и општественото вреднување.

Половина век подоцна, организаторите повторно ги повикуваат жените да се повлечат и од платениот и од неплатениот труд, за да покажат дека нееднаквоста сè уште постои – и покрај тоа што Исланд редовно се наоѓа на врвот на листите за родова рамноправност на Светскиот економски форум.

„Сè уште има работа што треба да се направи,“ изјави претседателката на Исланд, Хала Томасдотир, повикувајќи на поголема општествена свест за насилството врз жените и ниското вреднување на професиите во кои доминираат жени, особено во здравството, образованието и грижата за други.

Во главниот град Рејкјавик, како и во други градови низ земјата, ќе се одржат маршеви, говори и концерти, посветени на храброста на генерациите кои ја започнаа борбата во 1975 година – борба што, според организаторите, „денес е поактуелна од кога било“.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни