Трн: Дали некогаш некоја институција лично Ви се закани или Ве омаловажи заради Вашиот ангажман?
Искра: Закани од институции немам добиено. Обиди за омаловажување имам искусено. Ми паѓа на памет мисијата на Бернската конвенција со набљудувачи од УНЕСКО и Рамсарската конвеција, во рамки на случајот кој Бернската конвенција го отвори врз основа на жалба од Фронт 21/42. За време на една од теренските посети, висока претставничка на Министерството за животна средина ме нападна во стилот „што се замислувам која сум јас да се плеткам во конвенции и право кога не сум правник, сигурно не ме бива за тоа што сум го учела и затоа не работам во струка (за разлика од неа која има завршено правен факултет)…“. Поразително беше што дел од нападот слушна и независниот експерт ангажиран од страна на Бернската конвенција, кој е од Словенија и кој разбра речиси се и им пренесе на останатите. Една од основните карактеристики на меѓународните конвенции е токму правото да им се обратат граѓани и граѓански здруженија. Експертите од трите конвенции беа шокирани од настапот на еден претставник на институција и тоа од сектор за меѓународна соработка. Целата посета на терен изобилуваше со инциденти и навистина срамно однесување на претставниците и на државната и на локалната власт. Експертите си заминаа со став дека е многу полошо отколку што воопшто можеле да претпостават, не само во однос на состојбата на природните вредности, туку и свеста на институциите за владеењето на правото и обврските преземени со меѓународните договори, како и целата состојба со очигледен криминал и корупција во државата.
Ова е далеку од изолиран случај на омаловажување, но за среќа не е правило, барем во повеќето директни контакти со институциите.

Трн: Кое беше најтешко лично разочарување што сте го доживеале низ години надгледувајќи го процесот – и има ли надеж?
Искра: Повеќе од десет години Фронт 21/42 ги набљудува активностите на институциите кои го засегаат светското наследство во Охридскиот Регион, но во дел од тие процеси сме и директно вклучени (како јавни расправи за разни закони, стратегии и сл.), а одредени процеси ние самите ги иницираме (на пример случајот пред Бернската конвенција и голем број домашни правни случаи).
Многу полесно ќе ми беше да одговорам кои се моите лични радости од целото тоа искуство, бидејќи едвај се бројат на една рака, разочарувања има константно. Целиот однос на власта –локална, централна, без разлика која партија владее, е континуирано разочарување. За мене беше шок (и едно од најголемите разочарувања) кога истиот однос продолжи и по мисијата на УНЕСКО во 2020 година, која недвосмислено и кажа на државата дека секаква понатамошна трансформација забрзано ја води веќе ранливата состојба до точка на неповрат. Тогаш сфатив дека навистина не им е гајле, дека во име на разни зделки и лични интереси се спремни засекогаш да уништат планетарно уникатна вредност стара милиони години и зад себе да остават пустош. Ние смеќ првата генерација на овој простор откако постои човештвото, која е на пат на своите потомци наместо врвна светска вредност, во наследство да им остави уништен екосистем, урбанизирана (некогаш фасцинантна) природа и едвај просечно балканско летувалиште.
Последната одлука на Комитетот за светско наследство исто така беше големо разочарување – политичарите се договорија повторно да ги игнорират проценките на експертите. Комитетот констатира дека Охридскиот Регион ги исполнува критериумите за впишување во Листата на светски наследства во опасност и истовремено одлучи да не го впише во оваа листа.

Едно од најголемите лични разочарувања е искуството со Законот за управување со светското наследство во Охридскиот Регион во 2018 година. После долгогодишен режим имавме релативно нова власт, која го покани Фронт 21/42 да учествува во изработката на новиот закон. Мислевме дека најпосле работите навистина почнуваат да се менуваат и со огромен ентузијазам дадовме се од себе за квалитетен закон. Успеавме да издејствуваме и консултации со јавноста по највиски стандарди. За неколку месеци подоцна, кога предлогот на новиот закон се објави на страницата на Собранието, да сфатиме дека зад затворени врати владата ги изменила клучните членови и испратила закон кој ќе го парализира управувањето со подрачјето. Цела среќа поради бурните реакции и интервенции на меѓународната заедница законот се повлече, но доколку се усвоеше ќе бевме учесници во изработка на документ кој ќе го овозможеше она против што се бориме. Тогаш сфатив дека нема апсолутно никаква разлика која партија е на власт и ми умре надежта дека било што ќе се промени – и во однос на заштита на Охридскиот Регион, и во однос на државата во целост.
Во оваа смисла, немам никаква надеж дека институциите ќе направат било што суштинско за заштита на вредностите на Охридскиот Регион. Но, сеуште се надевам дека има шанси да се спаси доволно за да и се овозможи на природата самата да се излечи од сето она што и е направено во последните 30 години.
Трн: Ако можевте утре да одлучувате без ограничувања, кои три мерки би ги спровеле веднаш за спас на Охридскиот регион?
Искра: Не е воопшто едноставно да се одберат само три мерки…
Како мерки на терен веројатно: (1) чистење на Студенчишкиот канал; (2) отстранување на сите дивоградби од територијата на Националниот парк Галичица, целиот брег и Студенчишко блато со околината (вклучувајќи ги и сите кои се легализирани од 2017 до денес и сите конструкции кои се водат како урбана опрема – на пример платформите со ресторани во Св. Наум); (3) изградба на ефикасен систем за прочистување на целата отпадна вода која се влева во езерото, со приоретизирање на Св. Наум и останатите жешки точки на биолошка разновидност за Охридското Езеро.


Од административни мерки: (1) прогласување на целата територија на светското наследство за заштитено подрачје и воспоставување на експертско управувачко тело; (2) мораториум на секаква градба (освен најосновната која е неопходна за функционирање на локалните заедници) се додека не се донесе просторен план за светското наследство; (3) усвојување на ефикасни закони за Охридското Езеро и Студенчишко Блато.
Инаку овие и уште многу други мерки веќе ќе беа спроведени ако институциите го спроведуваа Уставот, законите и меѓународното право.
Трн: Дали мислите дека заштита на Охрид е можно без независна меѓународна интервенција?
Искра: Не. Ништо во досегашното бавење со светското наследство не ми дава причина да се надевам дека може да се заштити со одлуки и акции на домашните политичари. Моето директно искуство е дека немаат никаква свест за неговите вредности и за јавниот интерес, ниту пак основно чувство за одговорност.

Трн: Што донесе Законот за животна средина и импликации за Охрид и неговата заштитата под УНЕСКО?
Искра: Законот за животна средина има теоретски потенцијал да ја унапреди заштитата на Охридскиот Регион преку повеќе механизми, на пример преку процесите за оцена на влијание врз животната средина на проекти и/или урбанистички и други планови, стратегии, итн. Во пракса не носи ништо суштинско бидејќи институциите не ги спроведуваат суштински неговите одредби. Уште поалармантно е со Законот за управување со Светското природно и културно наследство во Охридскиот Регион, кој како специјален закон би морало да има предимство пред примената на сите останати закони, но во реалноста сите одговорни институции не го ни констатираат како закон.
Трн: Што претставува Јавен интерес за градот Охрид?
Искра: Покрај вообичаените аспекти на јавниот интерес, валидни за сите градови и населени места, градот Охрид има интерес да го зачува она што е останато од неговата автентичност поради која е дел од светското културно наследство и да ги реставрира уништените автентични вредности, како и да го возобнови интегритетот, односно поврзаноста со природното наследство. Секако за жителите на градот Охрид јавен интерес е и развој на еколошки одговорен туризам.

Не само за градот, туку имајќи предвид дека нашата земја има само едно светско природно и културно наследство, јавен интерес за сите нас е да се возобноват неговите исклучителни универзални вредности (ИУВ), кои се во алармантно лоша состојба и на праг да бидат неповратно изгубени.
Светски наследства се места на планетата кои имаат исклучителни универзални природни и/или културни вредности значајни за целото човештво и животот воопшто, поради што светот се здружува за да ги зачува за сите идни генерации. Тоа е суштината на конвенцијата на УНЕСКО. Во оваа смисла, јавен интерес за сите идни генерации на целиот свет, сегашните и идните граѓани на нашата држава, но особено на сегашните и идните жители на општините Охрид и Струга е зачувување на она што е останато од вредностите и реставрирање на се што е уништено, но може да се обнови.
Трн: Кое е најцрното сценарио за Охрид со оглед на неконтролираната урбанизација?
Реалноста која ја живееме е прилично црна. За жал секогаш има и полошо, во случајов најцрното сценарио е да се реализираат сите усвоени, но сеуште не спроведени урбанистички планови, како плановите за урбанизација на Горица Север, Горица Исток, Метропол – Св. Стефан со пристаниште, селото Рамне, потегот Лагадин-Елешец, итн. Ако се што веќе постои како план навремено не се спречи, освен непристапните делови од Галичица и дел од брегот речиси се ќе биде урбанизирано. Ова навистина мораме сите да направиме се што можеме за да не дозволиме да се случи.

Трн: Кои примери би ги посочиле како најеклатантни за невладеење на правото во Охридсиот регион?
Искра: Управувањето (и на централно и на локално ниво) со светското наследство толку многу изобилува со криминал и кршење на законите, во Фронт 21/42 да имаме 20 правници и сите да работат по 10 часа секој ден само на Охридскиот Регион, нема да постигнеме да се бавиме со сите случаи. Моето лично чувство, врз основа на повеќе од една деценија директно искуство со работа на заштитата на светското наследство и повеќе од две децении работа во еколошкиот граѓански сектор – е дека системот во кој живееме е систем на организиран криминал.
Од стотици конкретни примери ќе ги издвојам:
Од областа на урбанизам – дивоградбите во Студенчишко блато, кои се развиваат на незаконски приватизирано земјиште и со знаење и преќутна дозвола од сите инспекторати, општинска и државна власт; хотелскиот комплекс на Дивелоп Груп во Горица, кој се гради врз основа на незаконско одобрение за градба и урбанистички план кој одамна мораше да биде изменет и кој е спротивен на Планот за управување со светското наследство бидејќи во истиот е посочен како закана за вредностите; новиот хотел дивоградба во селото Рамне во рамки на НП Галичица; крајбрежната дива населба „Надол“ до Трпејца; сите конструкции кои влегуваат во езерото и во 50м. крајбрежен појас; ресторанот Острово во Св. Наум; повеќе урбанистички планови и оцени на нивното влијание врз животната средина; итн. итн. итн.;

Од областа на законодавството и администрацијата – риболовната основа за Охридското Езеро, во која наместо забрана за лов на клучни видови се зголеми квотата за комерцијален риболов на ендемската и загрозена Охридска пастрмка; предложените (за среќа сега веќе повлечени) закони за прогласување на Охридското Езеро за Споменик на природата и Студенчишко блато за Парк на природата, но и недонесување на нови закони со почитување на меѓународните препораки за овие две подрачја; постоечкото управувачко тело за светското наследство, кое го крши Законот за управување со Охридскиот Регион и неодамнешната намера на владата за ново управувачко тело со кое би претседавало Министерството за транспорт; свесното и намерно игнорирање на Стратегискиот план за рехабилитација на светското наследство; континуирано свесно неспроведување на препораките на УНЕСКО и Бернската конвенција; итн.итн.
Трн: Листа на наследства „во опасност“ и што значи тоа за Охрид?
Искра: Листата на светски наследства во опасност е механизам на Конвенцијата на УНЕСКО за зачувување на светските наследства чии вредности се загрозени од потенцијални и/или утврдени закани. Впишувањето во оваа Листа носи обврска за државата, на чија територија се наоѓа наследството во опасност, да изработи документ во кој се дефинира посакуваната состојба (на вредностите) и сет на корективни мерки со чие спроведување ќе се постигне таквата состојба. Спроведувањето на корективните мерки и нивните реални ефекти редовно се следи и верификува од страна на телата на УНЕСКО, а за истите државата има полесен пристап до финансии. Кога ќе се постигне посакуваната состојба на зачуваност подрачјето се трга од оваа листа. Но, доколку наместо корективни мерки, државата продолжи со деструктивни активности до степен на губење на вредностите поради кои одредено место било прогласено за светско наследство – тогаш може да се изгуби статусот на УНЕСКО, односно подрачјето да биде избришано од Списокот на светско наследство.

За Охридскиот Регион, кој забрзано оди кон целосно губење на вредностите, впишувањето во оваа Листа носи најголеми шанси истите да се зачуваат. За разлика од досегашната пракса на неспроведување на препораки, закони и планови и маскирање на истото со празни фрази за загриженост и манипулативни, па дури и невистинити извештаи до УНЕСКО и изјави за домашните медиуми, доколку Охридскиот Регион стане светско наследство во опасност, меѓународната заедница ќе има постојан независен мониторинг врз реалните активности и нивниот ефект. Неопходна ни е ваква помош за да си го спасиме највредното природно и културно богатство во земјата додека сеуште има барем некаква шанса да биде зачувано, односно реставрирано.