Ископувањата извршени од две компании во изминатите години се најверојатната главна причина за загадувањето на водата во Струга, изјави градоначалникот Менди Ќира на вонредна седница на Советот на Општина Струга, посветена на состојбата со водоснабдувањето.
Според Ќира, на терен биле констатирани длабоки ископувања и сериозни оштетувања на просторот кај изворите во струшкото село Шум, што, како што рече, ќе бидат тешко санирани. Тој наведе дека штетата е дополнително зголемена поради тоа што не биле преземени мерки за заштита на природниот ресурс.
Во извештајот презентиран на седницата се наведува дека повеќе од десет години било дозволувано ископување без јасно утврдени критериуми, а една од компаниите добила дозвола за работа во чувствителна зона. Како дополнителен проблем се посочува тоа што не била утврдена задолжителната заштитна зона од еден километар околу изворот.
Според наводите, заштитната зона требало да биде поделена на три појаси: 300 метри околу самиот извор, каде не треба да се дозволи ископување или движење, зона од 600 метри и поширока зона до еден километар. Во извештајот се констатира дека оваа зона не била физички обезбедена и оградена.
Ќира оцени дека станува збор за сериозна институционална аномалија и најави дека ќе се бара кривична одговорност од сите кои, како што рече, со своите дејствија или недејствија придонеле за оштетување на екосистемот и загадување на водата.
„Оние што дале дозволи да се оштети овој екосистем треба да сносат одговорност“, изјави градоначалникот, додавајќи дека здравјето и животот на граѓаните не смеат да бидат доведени во прашање.
Општината најави дека ќе преземе итни мерки за санација на штетата, а од надлежните институции се очекува да ја испитаат законитоста на издадените дозволи и да утврдат евентуална кривична одговорност.