Исклучителни пера од Балканот – гости на ПРО-ЗА Балкан во Скопје

Драго Јанчар, Ренато Баретиќ, Даница Вукиќевиќ, Слободан Шијан, Владимир Левчев, Тарик Туфан и Снежана Младеновска-Анѓелков од утревечер ќе бидат гости на 11. издание на Интернационалниот литературен фестивал ПРО-ЗА Балкан во Скопје. Отворањето е закажано во 20 часот во Даут-пашиниот амам, каде ќе биде претставено делото на еминентните автори од регионот. Со гостите писатели ќе разговараат Александар Прокопиев и Ермис Лафазановски. Освен гостите писатели од регионот, Фестивалот ПРО-ЗА Балкан годинава одбележува 10. години од програмата „Скопје фелоушип“, на која учествуваат седуммина професионалци од врвни книжевни агенции и издавачки куќи. Оваа програма годинава е дел од меѓународниот проект „Читај, сподели, уживај“. Се реализира во соработка со КУД Содобност од Словенија а ко-финансиранa е од програмата „Креативна Европа“ на Европската Унија. На програмата ќе учествуваат: Роберто Домингез Моро (А.Ц.Е.Р, Шпанија), Марија Анџела Ферари („Саси едиторе“, Италија), Ника Мушич (КУД Содобност, Словенија), Орели Бонту-Рош (Либела“, Франција), Мауро Спањол („Букс евривер“, Италија, Јерг Зундермајер („Фербрехер ферлаг“, Германија) и Андреа Џентиле (Ил саџаторе, Италија). В понеделник и вторник (18 и 19 септември), членовите на Скопје фелоушип програмата ќе се сретнат со претставници на Македонската асоцијација на издавачи и други домашни издавачи. Членовите на програмата исто така ќе имаат можност да се информираат и за конкурсот за финансирање преводи на странски издавачи, од Министерството за култура.

На 18 септември, во 20 часот во Europe House Скопје ќе се одржи тркалезна маса на тема „Литературата како (де)конструкција на стварноста“, што ќе ја модерира Владимир Јанковски. Во чест на режисерот Слободан Шијан, на 20 септември, во Кинотеката во 20 часот ќе биде прикажан филмот „Кој тоа таму пее“. Пред проекцијата ќе разговараат Прокопиев и Шијан. Лауреат на наградата „Прозарт 2023“ што фестивалот ја доделува на истакнат автор за авторски придонес кон развојот на книжевноста на Балканот, е словенечкиот писател Драго Јанчар. -Бев воодушевен од веста дека жирито ме вклучи меѓу одличните добитници на оваа награда, од кои некои ги познавам лично и високо ги ценам достигнувањата на сите што сум ги прочитал. Наградата „Прозарт“ во своето име го има зборот уметност, уметност на прозата. Уметноста на прозата, т.е. да го најдам вистинскиот уметнички израз во раскажувањето за лични и општествени настани што ме возбудуваа или едноставно ме интересираа, всушност беше најважното нешто што го направив во мојот живот. И што сè уште го правам. Ако човек пишува толку години, се собираат и некои награди. Но, ова е различно: ова признание ми е особено при срце, бидејќи голем дел од мојот живот е поврзан, добро или лошо, со балканскиот дел на Европа. Македонија ми е особено блиска на срцето, каде имам некои пријатели, каде што неодамна беа објавени некои мои прозни книги и каде што некогаш поставија брилијантна продукција на мојата драма „Големиот брилијантен валцер“ – изјави Јанчар. Како романсиер, раскажувач, драматург и есеист, Драго Јанчар е централна фигура во современата словенечка литература. Неговите романи, есеи и раскази се преведени на 33 јазика и објавени во Европа, Азија и САД. Додека неговите драми, поставени од голем број странски театри, дома се сметаат за најважни настани во словенечката театарска сезона. Јанчар има добиено голем број словенечки и меѓународни книжевни награди, вклучувајќи ја „Прешерновата награда“, највисоката словенечка награда за уметнички достигнувања за 1993 година; четири награди „Кресник“ за најдобар словенечки роман на годината за 1999, 2001, 2011 и 2018 година, како и наградата „Кресник“ за најдобар роман на деценијата во 2020 година; Европската награда за краток расказ, 1994 година; наградата „Хердер“, 2003 година; „Жан Амери“, 2007 година; Европската награда за литература, 2011 година; Наградата за најдобра странска книга, 2014; Австриската државна награда за европска литература, 2020 година и други. Тарик Туфан е познат романсиер, раскажувач, есеист и сценарист. Има објавено десет книги, вклучувајќи романи и збирки раскази. Неговите книги се преведени на грчки, бугарски, босански, српски, македонски, албански, грузиски, арапски, азербејџански и романски јазик. Покрај пишувањето за литературни списанија, тој пишува и документарни филмови и сценарија за играни филмови. Освоил награди за сценаријата што ги напишал за филмовите „Погрешна розарија“ на Филмскиот фестивал во Истанбул во 2009 година и „Јозгат блуз“ на Филмскиот фестивал во Адана во 2013 година. Исто така, ја освоил „Специјалната награда на жирито“ на филмскиот фестивал во Венеција во програмата „Хоризонти“ со филмот „Најава“ во кој биле еден од продуцентите. Владимир Левчев е бугарски поет, писател и вонреден професор по литература и пишување на Американскиот универзитет во Бугарија. Дипломирал на Академијата за ликовни уметности во Софија во 1982 година. Неговото незаконски печатено списание „Глас“ било забрането од страна на комунистичките власти пред ноември 1989 година. Тој добил Фулбрајтова стипендија во 1994 година, а магистрирал на програмата за креативно пишување на Американскиот универзитет во Вашингтон во 1996 година. 13 години престојувал и работел како лектор и професор по литература во САД. Објавил четири книги поезија во САД, една во Италија, една во Романија, 20 книги поезија во Бугарија и една кај нас.

Даница Вукиќевиќ дипломирала компаративна книжевност и теорија на литература и женски студии. Живее и работи во Белград. Ги освоила следните награди: ПроФемина; Билјана Јовановиќ; Милица Стојадиновиќ-Србинка; Кондирот на Косовка девојка; наградата НИН. Пишува и книжевна критика и есеи. Нејзините песни се преведени на шпански, англиски, германски, полски, француски, грчки, македонски, холандски…

Ренато Баретиќ работи периодично како филмски и телевизиски сценарист, новинар; Коосновач е, а од 2007 година и уметнички директор на популарниот фестивал за раскажување приказни „Причигин“ во Сплит, Хрватска. Член е на Хрватското здружение на новинари, хрватскиот ПЕН центар и Друштвото на хрватските писатели; порано бил член на хрватскиот огранок на Менса (IQ 153), но бил исклучен поради нередовно плаќање на претплатата за членство.

Снежана Младеновска-Анѓелков дипломирала на ФДУ на отсекот за филмска и ТВ монтажа во 2000 година, а магистрирала во 2012 година. Нејзиниот прв роман „Единаесет жени“ (2011) ја доби наградата „Роман на годината“ на „Утрински весник“ и истата потоа доживеа уште три изданија. Во 2014 година ја издаде филмско-есеистичката книга „Слики со животна уверливост“ посветена на филмовите на режисерот Владимир Блажевски. Како автор е застапена во тематската збирка раскази „Тивка анестезија“ (2016, Антолог) и во антологиите „Best European Fiction 2017“ и „Contemporary Macedonian Fiction“ (2019) на Dalkey Archive Press. Нејзиниот втор роман „Молчи со отворена уста“ (2019) беше финалист на наградата „Роман на годината“ на Фондацијата „Славко Јаневски“.

Слободан Шијан (1946, Белград) е филмски режисер, сценарист, писател, публицист, сликар и мултимедијален уметник. Автор е на неколку најпопуларни српски играни филмови и низа публикации и книги за филмот и визуелната култура. Автор е на поетската проза за познатиот филм на Алфред Хичкок „Вртоглавица“ во издание на „Геопоетика“. Објавил повеќе книги за филмот, меѓу кои и книгата за Џон Форд. За книгата „Кино Том“ во Хрватска во 2013 ја доби престижната награда на „Јутарњи лист“ за најдобра публицистичка книга. Режисер е на некои од најпознатите филмови од Екс Југославија, како „Кој тоа таму пее“, „Маратонците го трчаат почесниот круг“, „Како бев систематски уништуван од идиот“, „Давител против давител“, „Тајната на манастирската ракија“, „Сироти мали хрчки“ и „С.О.С Спасете ги нашите души“, како и на повеќе телевизиски филмови и преку дваесет експериментални филмови и видеа.

Организатор на фестивалот „ПРО-ЗА Балкан“ е издавачката куќа „Прозарт медиа“ од Скопје. Поддржувачи се: Министерството за култура, „Традуки“, Турскиот културен центар „Јунус Емре“, Европска Унија, Амбасадата на Словенија, Културно-информативен центар на Бугарија во Скопје, Кинотеката, Националната Галерија, Спона, Бовин и Умно.мк.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни