Електричното кујнското ѓезве за вода е секојдневен апарат во речиси секое домаќинство – се користи за кафе, чај и брзи оброци. Токму поради честата употреба,експертите за електрична безбедност предупредуваат дека на овој уред мора да му се посвети поголемо внимание.
Експертите советуваат по секое користење секогаш да се исклучува ѓезвето од струја, дури и кога не покажува никакви проблеми. Според нив, оваа навика може да спречи прегревање на уредот, краток спој и потенцијално избувнување пожар, особено кога никој не е во близина.
Од британската организација Electrical Safety First истакнуваат дека ѓезвето за вода е еден од најекспонираните електрични уреди во домот. Тие нагласуваат дека исклучувањето од приклучок ја прекинува електричната енергија и го елиминира ризикот од дефекти кои можат да се појават и кога уредот не е активно во употреба.
Покрај ова, стручњаците советуваат и редовна визуелна и практична проверка. Ако се забележат траги од загорување на приклучокот или штекерот, темни дамки, оштетена пластика, необично зуење, пукање или ако приклучокот е премногу жежок на допир, тоа може да укажува на сериозен проблем. Во такви случаи се препорачува веднаш да се побара помош од овластен електричар.
Доколку осигурувачите често се активираат или струјата „паѓа“ при користење на ѓезвето, експертите предупредуваат дека тоа не смее да се игнорира, бидејќи може да укажува на преоптоварување или дефект во електричната инсталација.
Иако станува збор за мал и навидум безбеден апарат, стручњаците потсетуваат дека токму ваквите уреди најчесто се причина за домашни незгоди – не поради сложеност, туку поради навика да се остават приклучени на струја.
