ЈП „Чистота и зеленило“ – Куманово и Општина Куманово во соработка со Мен енд Маунтен и со поддршка на невладината организација „СОН“ од Гент, Белгија, во текот на вчерашниот ден ги исчистија речните корита во центарот на Куманово.
Во овој дел од реката, се наоѓа и парк за рекреација, кој постојано е посетуван од граѓаните и загадуван со отпад.
Општина Куманово, со поддршка од провинцијата Источна Фландрија во Белгија и невладината организација „СОН“ токму во овој дел од градот поставија 16 нови GENERALKA корпи за отпад.
Во акцијата и чистењето на речното корито земаа учество вработените од ЈКП „Чистота и Зеленило“ и волонтери од здружението Кумановски Акцијаши со голема поддршка од администрацијата на Општина Куманово и градоначалникот Максим Димитриевски.
На секоја од корпите за отпад напишани се уникатни пораки на македонски и албански јазик: „Создавај и не уништувај“, „Фрлете го тука вашето ѓубре – не вашата иднина“, „Твојот град – твој дом“, „Биди решение, а не загадување“, „Користете ме, но не ме злоупотребувајте“, „Загадувањето значи твое труење“, „Престани да зборуваш – почни да делуваш“…..
Идејата е да се покрене свеста на граѓаните и овие пораки да натераат секој што ќе помине оттаму и ќе ги прочита да размисли за неговата одговорност кон околината и заедницата.
СОН е нова белгиска невладина организација со фокус на културата и општеството.
„Со поддршка од провинцијата Источна Фландрија (Белгија) и во соработка со Мен енд Маунтен / GENERALKA среќни сме што можеме да го поддржиме градот Куманово за да создаде поеколошка средина за целото општество “, велат Јан Хозе, претседател на СОН и Катинка Димкароска, член на управниот одбор на СОН.