Станува збор за видот Melanobatrachus indicus, исклучително мали жаби, со големина на врв од прст, кои се единствениот претставник на своето семејство. Тие живеат под паднати стебла во густите дождовни шуми во индиската држава Керала. Нивниот специфичен изглед, со светкави дамки на темна подлога, не значи дека се отровни, како што често се мисли, туку најверојатно служи за меѓусебна комуникација.
Истражувачот Рајкумар К. П., соработник на ZSL, во почетокот на 2020 година пронашол седум единки од овој редок вид во шумите на Западните Гати. Поради пандемијата на ковид-19, тој подолго време не можел да ја посетува локацијата. Кога подоцна се вратил, жабите веќе ги немало.
На теренот било забележано дека големо паднато стебло, кое претставувало нивно засолниште, било целосно скршено и поместено, а вегетацијата околу него згазена. Првично постоел сомнеж дека штетата ја предизвикале животни, но подоцна се утврдило дека за тоа најверојатно се одговорни луѓе.
Според сведоштва на локални трагачи, групи фотографи на дивиот свет ја посетувале локацијата, превртувале стебла во потрага по жабите, а кога ќе ги пронајделе, ги фаќале и ги местеле за фотографирање. Притоа не користеле ракавици, иако овие жаби дишат преку кожата и се исклучително чувствителни. Во најмалку два случаи, жабите угинале откако биле предолго држени во раце.
Рајкумар во наредните месеци повеќепати ја пребарувал областа, но повеќе не пронашол ниту една галактичка жаба, што кај него предизвикало чувство на беспомошност и огорченост.
Од ZSL предупредуваат дека станува збор за „древен и незаменлив“ вид во еволутивната историја. „Секојпат кога ќе видам фотографија од галактичка жаба на социјалните мрежи, се прашувам по која цена е направена“, изјави д-р Бенџамин Тејпли, кустос за водоземци и влекачи во ZSL.
Научниците апелираат на поголема етичност кај фотографите и љубителите на природата, предупредувајќи дека неодговорното однесување може неповратно да уништи исклучително ретки видови, кои опстојувале милиони години.
Извор: N1info.rs
